СТРУЖАНЕЦ ЧУВАЛ НЕДОЗВОЛЕНО ОРУЖЈЕ Полицијата го откри, а обвинителството за него бара притвор
Според обвинителството, осомничениот на пушката ги фалсификувал ознаките со бришење и уништување на фабричкиот број.
Струшкото обвинителство нареди да се спроведе истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи како и фалсификување на огнено оружје.
Како што соопшти обвинителството, осомничениот 28-годишник, во својот дом во селото Ложани неовластено држел оружје и муниција кои на граѓаните им се забранети и за кои не може да се добие дозвола за поседување. Така, полицијата кај него пронашла автоматска пушка со дрвен кундак и рамка со 14 куршуми за автоматското оружје.
Освен тоа, на пушката ги фалсификувал ознаките со бришење и уништување на фабричкиот број.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека постои реална опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува постапката со влијание врз сведоците доколку се брани од слобода.