СТРУЈАТА СЕ ВРАЌА ВО ШПАНИЈА И ВО ПОРТУГАЛИЈА Се утврдуваат причините за масовниот колапс на системот
Електричната енергија се врати во Баскија и областа околу Барселона вчера во раните попладневни часови, а во делови од Мадрид во вечерните часови, до кога 61% од мрежата беше нормализирана, објави националниот оператор.
Електричната енергија полека почна да се враќа во делови од Иберискиот Полуостров синоќа по масовниот прекин што ги парализираше Шпанија и Португалија.
Електричната енергија се врати во Баскија и областа околу Барселона вчера во раните попладневни часови, а во делови од Мадрид во вечерните часови, до кога 61% од мрежата беше нормализирана, објави националниот оператор.
Министерот за внатрешни работи на Шпанија прогласи вонредна состојба и распореди 30.000 полицајци низ целата земја за да го заштити јавниот ред и мир.
Владите на двете земји одржаа итни состаноци поради прекин на електричната енергија, чии размери се нечуени во Европа.
Причината сè уште е непозната, а Португалија наговести дека проблемот потекнува од Шпанија, додека Шпанија го посочува прстот кон прекинот на интерконекцијата со Франција.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро рече дека нема индикации дека кибернапад го предизвикал инцидентот.Сепак, имаше гласини за саботажа, а шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Санчез рече дека за период од само пет секунди, земјата останала без 15 GW електрична енергија, или 60% од националната потрошувачка.
-Техничарите се обидуваат да утврдат што предизвикало толку ненадеен пад. Ништо вакво досега не се случило – рече Санчез.
Жоао Консеисао, член на одборот на португалската компанија за електрична енергија REN, рече дека не ја исклучува можноста за „огромна осцилација на електричниот напон, прво во шпанскиот систем, кој потоа се прелеа во португалскиот систем“.
-Може да има илјада и една причина, сè уште е прерано да се каже која е причината – изјави тој.
Шпанската компанија за електрична енергија REE верува дека проблемот се појавил во интерконекцијата со Франција.
Претходно, делови од Франција останаа без електрична енергија за кратко време. RTE, францускиот оператор, објави дека испратил електрична енергија во северните делови на Шпанија по инцидентот.