Страв од демократија?
Тоа ли беа целите и на „Шарената револуција“, на оние повеќемесечни протести низ Скопје и неколку други градови во Македонија, на барањата за целосна трансформација на општествената матрица и демократизација сега и тука? Или сето тоа беше само провинциска квазидемократска маска ала „Струмички карневал“ за окупација на институциите?
Всушност, нема зошто многу да се говори и опишува пост-шарениот период од јуни 2017-та година наваму. Тоа беше речиси вчера и сите, сакале или не, ги паметиме безмалу до еден секојдневните мали или големи скандали на етикетираниот со хибридна лепенка режим. Комплетната криминогена матрица од времето на заробената држава (2006-2017) како да се преслика во однесувањето и на новата власт, дури и во нејзините највисоки редови и во сите сегменти на системот. Екс-генсекот на Владата и случајот против него е слика и прилика на тоа. Дали заради тоа ова време може да се нарече време на изгубени илузии? Не, не само заради тоа бидејќи кај нас секојдневно се откриваат нови и нови узурпации на власта, дури и онаму каде најмалку се очекуваше – кај човековите права и слободи. Затоа можеби посодветна е констатацијата од насловот: страв од демократија? Веројатно.
Поточно, ако јавноста, па и „Шарената револуција“, некаде беа децидни, јасни и гласни за неопходноста од целосно менување на постоечката матрица тогаш тоа беше кај демократските процеси и човеките права. Коишто де факто не мрднаа од мртвата точка! Не знаеме какви сѐ узурпации (и) на оваа власт ќе открие блиската или подалечната иднина во оваа насока бидејќи кај нас и во оваа област има премногу тајни, но последниот пример со Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е речит пример на односот (и) на оваа власт кон основните човекови права и слободи. И кон демократијата, се разбира. Овој пример не само што громогласно говори и за односот кон блиското минато и барањата на „Шарената револуција“, туку е и базичен пример за демократската некапацитетност на власта, за целосното игнорирање на ветуваните реформи во оваа област (како, впрочем, и во сите други!), како и за комплетниот тоталитарен преврат во толкувањето на основните слободи и права на човекот. Безмалу буквално прошверцуван од јавноста, со замолчени институции и сите оние самобендисани граѓански организации – на чело со Хелсиншкиот комитет – кои беа онака гласни во времето на заробената држава, дури и самиот обид да се протури еден таков закон после сѐ што доживувавме во периодот 2006-2017 година, е скандал од несогледливи размери. Згора на тоа, и во време кога министер за правда бил токму еден од „граѓанските“ фаворити, кој сега дури доби и унапредување во вицепремиер за евроинтеграции!
А во оваа насока, сегашните „деманти“ дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност, каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа, е само фрлање прав во очи на јавноста и пост фестум реакција по откриениот скандал. Зашто, се разбира, секој нормален ќе се праша: а како е можно воопшто да излезе таква формулација од Министерството за правда, тајновито да прошета до Владата и Собранието, да биде на расправа веројатно во некоја комисија, да се појави на прво читање на пленарна седница…? Како сето тоа е можно во третата деценија на 21-от век, во еден (самопрогласен) демократски систем? И што всушност сака(ше) да ни порача тогашниот министер за правда, сосе неговиот тогашен шеф премиер и цела Влада, сите „демократ“ до „демократ“? Дека ќе мора да молчиме за сите нивни будалаштини, криминали, коруптивни афери…? Зарем навистина мислеле дека така ќе можат да се сокријат? И што ли мислеше целото она надобудно „граѓанско опШество“ што така континуирано повладува на сите глупости (и) на оваа власт?
Но, извинете, во Воведот на текстот на предлог-законот се наведуваат и уште редица други (демократски) фактори во државава, како и оние од меѓународната заедница, на чело со Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите, судии од Основниот граѓански суд во Скопје и Основниот суд Велес и др. И сите го превиделе тоталитарниот дух што се крие во предлог-законот? Ако е тоа сликата на демократскиот амбиент во Република Северна Македонија, тогаш – на здравје! А дали навистина го превиделе и „објаснувањето“ на подносителот на предлог-законот дека „Начелата врз кои се заснова Предлогот на законот се истите кои се дефинирани во постојниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета“ (Глава II, ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА)? Бидејќи, постојниот Закон, во чл. 6 вели: „(1) За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед.“[1] А во новиот предлог-закон големите демократи крајот на реченицата го дополниле со суштинските зборови „(…) ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење.“ Поточно сега, прогресивниве демократи смислиле дека не подлежи на санкции само „понижувачко мислење“ како во постојниот Закон, туку санкциите ги дополнуваат и контра „омаловажувачко“ и „негативно мислење“. А стариот односно постојниот Закон беше донесен во времето на т.н. заробена држава, а овој се предлага во времето на прогресивната демократија викана – хибриден режим!
Што всушност сака(ше) да воведе оваа власт, каква матрица има на ум и каква држава сака(ше) да направи? Онаа проверена матрица на држава на молчаливци, на плашливци, на хибридни луѓе без свое „јас“, на акламативна аморфна маса која ќе им ракоплеска на сите нивни глупости? Тоа ли беа целите и на „Шарената револуција“, на оние повеќемесечни протести низ Скопје и неколку други градови во Македонија, на барањата за целосна трансформација на општествената матрица и демократизација сега и тука? Или сето тоа беше само провинциска квазидемократска маска ала „Струмички карневал“ за окупација на институциите? Со помош на оние најгласни „граѓански“ здруженија, а всушност само минорни подопашни општествени паразити?
Ваквиот македонска страв од демократија, таквата наша матрица за некаква „дозирана демократија“ е убиствена замисла на политикантските елити и нивните партии. На тој и таков начин македонското општество буквално нема никаква шанса за демократски преврат, освен ако не се случи чудо. А чуда одамна не се случуваат (не само) во Македонија, уште од времето на Исус. Дали во една таква историска ретроспектива, сега и чудото на 1941-1945 година смислено и целно се доведува под сомневање? Онака како што се обидува да нѐ убеди „историчарон“? Мисли ли некој од актуелниве политиканти и на таа димензија или навистина сѐ е само фарса, театар на апсурдот во времето на губењето на сите (демократски) илузии?
[1] Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Сл весник на РМ, бр. 143/2012
Извор: Теодосиевскиуметност