📽️ СТРАШНИ ПОЖАРИ ПРЕД ВРАТИТЕ НА МАДРИД Евакуирани илјадници жители, армијата на терен

Најголемиот шумски пожар во историјата на регионот Мадрид уништи околу 6.000 хектари, додека Франција се бори со десетици активни пожари во екот на топлотниот бран.

0

Најмалку 19.000 лица се евакуирани во регионот Мадрид, каде што беснее најголемиот шумски пожар во историјата на оваа шпанска автономна област.

Пожарот досега уништил околу 6.000 хектари шума, соопшти претседателката на регионалната Влада на Мадрид, Исабел Дијас Ајусо.






– Ова е катастрофа за регион со толку голема густина на население и станбени објекти. Никогаш не сме виделе нешто слично. Во овој момент наш приоритет е спасувањето човечки животи – изјави Ајусо на прес-конференција во координативниот центар за итни интервенции.

 

Шпанските служби за итни случаи соопштија дека два од трите пожари западно од Мадрид се споиле во едно големо жариште, во областа меѓу Сан Мартин де Валдеиглесијас и Виља дел Прадо.

Поради опасноста, Шпанија прогласи вонредна состојба во подрачјето околу Мадрид, како и во провинцијата Авила, каде што дополнително биле евакуирани околу 1.500 жители.

Според шпанската телевизија РТВЕ, ова е првпат во регионот да биде прогласена ваква мерка поради шумски пожари.

 

Шпанскиот премиер Педро Санчез предупреди дека земјата и соседните држави се соочуваат со исклучително тешка состојба поради пожарите кои беснеат во период на екстремни температури.

– Пожарите пустошат илјадници хектари и погодуваат бројни градови и села – рече Санчез, повикувајќи ги граѓаните строго да ги следат препораките на надлежните служби.

Европската комисија соопшти дека Европската Унија испрати дополнителна помош за Шпанија – четири противпожарни авиони, покрај трите кои претходно биле испратени во Франција.

 

– Се подготвуваме за многу тешка ситуација – изјави портпаролката на Европската комисија, Ана-Кајса Итконен.

Во меѓувреме, големиот пожар во провинцијата Гвадалахара, кој зафати повеќе од 32.000 хектари и беше активен повеќе од една недела, значително ослабнал.

 

Поради подобрувањето на состојбата, армијата се повлекла од теренот, но пожарот сè уште официјално не е целосно изгаснат ниту ставен под целосна контрола.

Претседателот на автономната област Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, соопшти дека пожарот е намален на прво ниво на опасност.

И покрај тоа, на терен остануваат повеќе од 200 пожарникари, дваесетина противпожарни возила и два авиона.

 

Сериозна е состојбата и во Франција, каде што шумските пожари продолжуваат да се шират.

Пожарот што му се закани на туристичкото место Бискарос во департманот Ланд уништил 2.600 хектари и оштетил или целосно уништил 105 куќи и други објекти.

Поради приближувањето на огнот, биле евакуирани 18.000 жители на Бискарос и уште 5.000 туристи од камп во близина на Парантис.

 

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека во земјата моментално се активни 32 шумски пожари.

– Од почетокот на годината досега се уништени повеќе од 50.000 хектари. Тоа е трипати повеќе отколку во истиот период минатата година – изјави Нуњез.

На полуостровот Кап Фере, една од најпознатите туристички дестинации во Франција, пожарот зафатил повеќе од 10.000 хектари и е најголемиот пожар оваа сезона.

Во тој регион во тек е евакуација на околу 40.000 лица, а досега се уништени 80 куќи.

Поврзани содржини