🎥 СТРАШЕН ПОЖАР ВО ТИРАНА, ЗА СРЕЌА БЕЗ ЖРТВИ На нога пожарникарите, полицијата и војската

1,305

Голем пожар избувнал на пазарот за употребувана облека во населбата 5 Маи во Тирана, јави доцна синоќа телевизијата Топ чанел.

Огнот брзо се прошири и доби застрашувачки размери. Поради присуството на големи количини лесно запалив материјал, пламените се шират со висок интензитет, а густ чад се издига над поширокиот дел од градот.






На терен се ангажирани сите расположливи противпожарни екипи од Тирана, а дополнително се повлечени и пожарникарски сили од Драч, кои биле пренасочени за интервенција на овој пожар. Ситуацијата се оценува како сериозна, поради што локалните служби побарале итна поддршка.

Во гасењето на огнот се вклучени и пожарникарски единици од Елбасан и Вора, а побарана е и интервенција од Армијата на Република Албанија. Воените сили обезбедуваат логистичка поддршка, механизација и дополнителни ресурси за справување со огнената стихија.

Според првичните информации од надлежните служби, засега нема податоци за повредени лица. Пожарот зафатил простор во кој функционираат повеќе мали трговски објекти и складишта, а материјалната штета се очекува да биде значителна.

Полицијата го обезбедила поширокиот периметар околу пазарот и го ограничила движењето на граѓаните, со цел да се овозможи непречена работа на спасувачките екипи. По целосното локализирање на пожарот, ќе биде отворена истрага за утврдување на причините за неговото избувнување.

Поврзани содржини