Странските туристи се гулаб на гранка, охриѓани молат за врапчето – ваучери за многу повеќе домашни гости

Хотелиерите очекуваат владата да им обезбеди државна помош и  уште најмалку две тури домашни гости со доделување ваучери, зашто 1.250 гости се ништо во однос на капацитетите на хотелите не само во Охрид, туку и во другите туристички центри.

582

Дали ќе има странски гости во хотелите на охридското крајбрежје и подобра туристичка сезона од лани?

Тоа ќе зависи од европските држави, од тоа како тие се подготвуваат за своите граѓани по нивното враќање од одмор, велат хотелиерите. Според нив, она што моментално се случува на страниците за резервации и најавата за летови до Oхридскиот аеродром се охрабрувања, но дури кога летовите ќе почнат и кога гостите ќе пристигнат во Охрид, тогаш ќе може да се каже каква ќе биде сезоната и дали хотелиерите ќе ја преживеат годината.






До тогаш, тие очекуваат владата да им обезбеди државна помош и  уште најмалку две тури домашни гости со доделување ваучери, зашто 1.250 гости се ништо во однос на капацитетите на хотелите не само во Охрид, туку и во другите туристички центри.

– Хотелите на охридското крајбрежје живеат од странските гости. Податокот дека 70 отсто од гостите кај нас се странски, а 30 отсто домашни, доволно говори во каква состојба се сега хотелите. Кога сме кај домашните гости, само 10 отсто се туристи, другиот процент отпаѓа на семинари, конференции и слични организирани настани. Познато е дека домашните гости во Охрид се оние кои имаат купено станови. Во хотелите малку ги има. И сега, кога уште немаме авионски линии до Охрид, букинзите и најавите за странски гости се ништо. Од 2 јули, кога ќе почнат летовите, ќе видиме како ќе оди со гостите – вели Крсте Блажески, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

Европската унија дозволи патувања на граѓаните, но дел од земјите, сепак, го задржуваат карантинот за тие што се враќаат од одмор. Тоа ги обесхрабрува хотелиерите во однос на странските гости.

– Ваквите мерки на земјите директно ќе се одразат и на одењето на одмор на граѓаните. На пример, во Норвешка, со или без тест или доказ дека не е заболен, секој граѓанин што се враќа од патување мора да помине карантин од една недела. Какви мерки ќе донесе Холандија, од кадешто што доаѓаат најмногу гости во Охрид, уште не се знае. Има најави од Полска, а тука се традиционалните српски гости, но тие главно се свртени кон Грција. Моментално живееме во очекување и во неизвесност – вели Блажески.

Според него, целата ситуација со коронавирусот битно ќе влијае на патувањата во светот и кај нас, па затоа како хотелска асоцијација сметаат дека државата мора да изнајде начин да ги помогне.

– Хотелиерите не добија ништо освен нецелосни плати за вработените во периодот на пандемијата. И со таа мерка им беше скратен октомври, бидејќи требаше да прикажат број на вработени од август кога им завршува периодот на ангажман на студентите ангажирани за летниот период. Значи и таа мерка не ја искористивме до крај. Ние предложивме помошта да се дава според тоа кој колку данок платил во изминатиот период, но таква мерка немаше. Еве уште еднаш предлагаме да се помогнат хотелите според платениот данок – вели Блажески.

Хотелиерите сметаат дека мерката со ваучери за посиромашните работници е добра, меѓутоа бројот на ваучери кој се дава годинава е мал, а и опфатот на хотели исто така е мал.

– Годинава државата дава туристички ваучер од 200 евра, ама бројката од 1250 ваучери е мала за разлика од лани, кога се доделија 100.000 ваучери. Очекуваме владата да подразмисли за обезбедување уште две тури, за да се избегне евентуална катастрофа во дејноста. Ние го побаравме тоа, но немаме одговор од владата. Инаку не сме одлучиле да излеземе на улица како другите дејности, за да добиеме нешто од државата, бидејќи очекуваме таа да функционира и да знае каде треба да помогне – вели првиот човек на ХОТАМ.

Годинава државата дава туристички ваучер од 200 евра, ама бројката од 1250 ваучери е мала за разлика од лани, кога се доделија 100.000 ваучери. Очекуваме владата да подразмисли за обезбедување уште две тури, за да се избегне евентуална катастрофа во дејноста.

Крсте Блажески Претседател на ХОТАМ

Од Министерството за економија, преку кое се реализираат ваучерите за нископлатените работници, велат дека активноста се реализира според редовната програма на Министерството и не е посебна мерка. За неа се предвидени 15 милиони денари, а се доделуваат 1.250 ваучери.

– Заклучно со 31.05.2021 година, до Министерство за економија се пристигнати 227 барања од страна на хотели, но имајќи предвид дека право на учество имаат само категоризирани хотели во туристички центри, од пријавените само 97 хотели ги исполнуваат услови и со нив ќе бидат потпишани договори од страна на Минисртерството за примање на ваучери за туризам – велат од Министерството за економија.

Нивните податоци за интересот на работниците се дека до денеска се примени 1.642 апликации. Јавниот повик за доделување на ваучери ќе трае до 30 јуни и до тогаш сите граѓани кои немаат приходи повисоки од 30.000 денари ќе може да се пријават и да ги искористат најдоцна до 30 ноември годинава. Но, добивањето ваучер е според системот прв дојден прв услужен, што значи дека квотата е далеку од исполнета.

Во ХОТАМ и годинава очекуваат да се соочат со традиционалната преселба на работниците во други земји, но не очекуваат поголем проблем со обезбедување работници.

– Работната сила е критична за целиот Балкан. Работниците бегаат за повисоки плати кои ќе ги добијат за два три или повеќе месеци, a забораваат дека кај нас платите ги добиваат цела година. Но,  не можеме тука многу да направиме иако за време на пандемијата им беа платени цели плати, а во нивниот ангажман им недостигаат 120 дена кои не ги работеле – појаснува Блажески.

Поврзани содржини