Странските инвеститори втора година по ред нѐ заобиколуваат
Лани најдобар бил првиот квартал кога се реализирани 136.000.000 евра, а најлош вториот кога почна здравствената криза и одлевањето на капиталот.
По инвестицискиот бум од 2018 година кога се реализирани 625 милиони евра земјава бележи континуиран пад на странските директни инвестиции. Кризата со ковид-19, и политичката нестабилност лани имаа висок удел во намалувањето на странските инвестиции. Во оваа година не е влезена ниту една странска инвестиција, а на четири инвестиори им се поништени договорите поради тоа што не почнаа да градат. Опозицијата критикува дека Македонија ја губи битката за привлекување странски инвестиции, а економските политики на владата одат во прилог на соседните држави, каде што заминуваат инвеститорите.
Според податоците на Народната банка лани се реализирани 239.800.000 евра директни инвестиции.
Износот, како што појаснуваат од централната банка, е резултат на нето-приливите врз основа на меѓукомпаниски долг од 128.400.00 евра, вложувања во сопственички капитал 96,7 милиони евра и реинвестирање на добивката од 14,8 милиони евра.
Лани најдобар бил првиот квартал кога се реализирани 136 милиони евра, а најлош вториот кога и почна здравствената криза и одлевањето на капиталот. Тогаш се одлеани 6,7 милиони евра. Во третиот квартал се одлеани над еден милион евра. Во текот на четвртиот квартал вкупните директни инвестиции во земјата бележат подобрување и нето приливот изнесува 95.300.000 милиони евра, што е резултат на зголемените инвестиции во меѓукомпанискиот долг во износ од 145.700.000 евра и сопственичкиот капитал од 19,5 милиони евра и при намалена реинвестирана добивка за 69,9 милиони евра.
Но, и поркај ваквата состојба на крајот на минатата година премиерот Зоран Заев изјави дека во 2020 година имало 12 странски инвестиции, а сите биле во фаза на реализација или договори.
– Оваа година се случи корона-кризата, сепак имаме 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, на потпишување договори или во фаза на преговори. Една е инвестицијата на „Кромберт и Шуберт“, со сосема нов погон, инвестиција, дуплирање на сите капацитети низ територијата на целата држава. Дополнително, нова инвестиција е „Дура“, поголема од 100 милиони евра, „Магна“ во Струга, „Костел“ со втората инвестиција во државата и многу други странски компании – изјави премиерот.
Лани официјално во земјава не е влезена ниту една една нова странска директна инвестиција, но затоа пак се раскинати договорите со четири странски инвеститори за добивање градежно земјиште затоа што не почнале навреме со градежните активности во зоните. Раскинати се договорите со германски „Кеслер“ кој требаше да вработи 150 лица, потоа со албанската фармацевтска компанија „Саген“, како и со две турски компании – „Џемдаг Лајтенинг“, компанија која произведува светилки за улично осветлување и „Доган Отомотив“ која е производител на резервни делови за автомобилската индустрија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикува дека Македонија ја губи битката за привлекување странски инвестиции, а економските политики на владата одат во прилог на соседните држави, каде што заминуваат инвеститорите. Според опозицијата, причина за намалувањето на инвестициите се политичката нестабилност, високата корупција, честото менување на законски прописи како тој со прогресивниот данок и неуспешните економски политики на Владата.
– Кога сме кај странските директни инвестиции според „Фајненшл тајм“, Македонија според индексот за успешност на странските инвестиции во 2016 година била на високото трето место, во 2018 паднала на 18-то, во 2019 ја нема воопшто на листата од 50-тина држави, што упатува сигнал кај инвеститорите дека нешто не е добро во државата – изјави неодамна претседателката на Комисијата за материјално-финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска.
Рекордна година по странски директни инвестиции за земјава беше 2018 кога се слеаја 625 милиони евра, а полоша од 2020 била само 2017, годината кога имаше најтешка политичка криза во Македонија – тогаш во земјава се слеале само 180 милиони евра од странски директни инвестиции.