СТРАНЦИТЕ ВООДУШЕВЕНИ, НАШИТЕ ГИ НЕМА „Дали ќе нè посетиш?“, новата кампања на Стоби за привлекување домашни туристи

Иако е меѓу највредните археолошки локалитети во регионот, Стоби бележи речиси седумпати повеќе странски отколку домашни посетители.

121

Иако е еден од најзначајните археолошки локалитети во регионот, Стоби и натаму е многу попосетен од странски отколку од домашни туристи. Токму поради тоа, Националната установа „Стоби“ ја започна новата кампања со провокативното прашање: „Дали ќе нè посетиш годинава?“.

Податоците за посетеност во изминатата година покажуваат јасна нерамнотежа – археолошкиот локалитет го посетиле речиси 12.000 странски туристи, додека бројот на домашни посетители изнесувал само 1.703. Вкупно биле регистрирани 18.667 посети, што е на ниво од претходните години.






Значаен дел од посетителите се деца – вкупно 4.970, при што кај домашната публика најбројни се учениците од основно и средно образование. Од НУ „Стоби“ велат дека овие бројки се охрабрувачки, но и дека сакаат многу повеќе граѓани од Македонија лично да ја почувствуваат историјата што ја нуди локалитетот.

– Повеќето податоци од статистиката нè радуваат, но бројот на домашни посетители нè изненади. Сакаме Стоби да биде место каде секој ќе доживее нешто посебно и затоа ги очекуваме мислењата и сугестиите од посетителите за тоа како искуството може да биде уште поинтересно – велат од установата.

Стоби е и пионер во регионот, прв археолошки локалитет на Балканот што нуди искуство со виртуелна реалност и дигитален аудиоводич, со што посетата добива современа и интерактивна димензија.

Најголем број посетители локалитетот имал во 2018 година, кога Стоби го посетиле околу 22.000 луѓе. Со новата кампања, од установата се надеваат дека оваа бројка повторно ќе се доближи, но со значително поголемо учество на домашната публика.

 

Поврзани содржини