СТРАНЦИ И ДОМАШНИ ИНВЕСТИТОРИ ЈА САКААТ ПОПОВА ШАПКА Конечниот став за избор на инвеститор ќе го кажат пратениците
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека има неколку заинтересирани инвеститори.
Има неколку понуди и очекуваме самите компании да соопштат дека се заинтересирани да инвестираат во скијачкиот центар Попова Шапка, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
– Едната ја обзнани претседателот на Владата Заев и е компанија што доаѓа од ЕУ. Има и домашни компании коишто се заинтересирани. Секако има и компанија која не е дел од ЕУ. Тие веќе доставиле барање до Генералниот секретаријат на Владата имајќи во предвид дека таква е процедурата согласно Законот за стратешки инвестиции. Ние очекуваме компаниите сами да обзнанат дека се заинтересирани за да инвестираат во Попова Шапка. До тој момент ќе ги следиме сите процедури и ќе преговараме и ако е во интерес на Полошкиот регион, на Попова Шапка, на граѓаните на нашата држава ќе прифатиме таква понуда – вели Бектеши.
Министерот Бектеши при тоа нагласи дека пред да биде прифатена понудата, согласно Законот за стратешки инвестиции тој договор би требало да се потврди од страна на Собранието, бидејќи, како што рече, сите договори што произлегуваат како стратешки инвеститор се утврдуваат од страна на пратениците во Парламентот.