„СТОРМ ШАДОУ“ ГИ ЗАОСТРИ ОДНОСИТЕ МОСКВА-ЛОНДОН Шест британски дипломати обвинети дека шпионирале во Русија
Лордот Питер Рикетс, поранешен советник за национална безбедност на Велика Британија за Би-Би-Си изјави дека овој потег на Москва е „руска казна затоа што на Велика Британија се гледа како на навивач за снабдување со оружје на Украина“.
Москва им ја укина акредитацијата на шест британски дипломати, јавуваат руските медиуми. Руската служба за безбедност ФСБ соопшти дека се осомничени за шпионажа и „загрозување на безбедноста на Русија“. Се вели дека овој потег е мерка против „повеќе непријателски дејствија“.
Лордот Питер Рикетс, поранешен советник за национална безбедност на Велика Британија за Би-Би-Си изјави дека овој потег на Москва е „руска казна затоа што на Велика Британија се гледа како на навивач за снабдување со оружје на Украина“.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин сугерираше дека Москва ќе ги смета западните ракети кои се истрелани кон Русија како сериозна ескалација на војната. Неговата изјава доаѓа по најавите на извори од британската влада дека Велика Британија неофицијално ѝ дозволила на Украина да ги употребува ракетите „Сторм шадоу“ за цели врз Русија, но дека тоа нема да биде јавно обзнаено на средбата на британскиот премиер Кир Стармер со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон.
Западните медиуми пишуваа и дека Соединетите Американски Држави нема да дадат согласност Украина да користи ракети од американско, туку само од британско-француско производство.
Некои челници на Западот ја гледаат изјавата како уште еден блеф на Путин. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека не е загрижен од коментарите на Путин дека Москва ќе ги смета западните ракети кои се истрелани кон Русија како сериозна ескалација на војната.
Силната реакција на Владимир Путин во четвртокот одекна во медиумите. Според него, употребата на западни ракети ќе значи директна војна на НАТО со Русија.
– Ова на значаен начин би ја променило самата природа на конфликтот. Тоа би значело дека земјите на НАТО, САД и европските земји се во војна со Русија. Ако е така, тогаш земајќи ја предвид промената на природата на конфликтот, ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на заканите со кои ќе се соочиме – му рече Путин на новинар на руската државна телевизија.
Премиерот на Велика Британија, Сер Кир Стармер, го отфрли предупредувањето, велејќи дека Украина има право да се брани, но додаде дека не бара конфликт со Москва. Додека Стармер е во Вашингтон на разговори со Бајден, сојузниците на Киев разговараат дали да ѝ дозволат на Украина да стрела со нивни проектили врз цели во Русија.
Плусинфо пишуваше за силните реакции по најавите за „Сторм шадоу“ од Западот и од Истокот. Шефовите на дипломатијата на Велика Британија и на САД го обвинија Путин дека ескалира со наводната набавка на балистички ракети од Иран, велејќи дека мора да има промена на тактиката на Украина, додека рускиот амбасадор во Вашингтон вели одлуката за наводно користење „Сторм шадоу“ може да доведе до Трета Светска Војна.
Во меѓувреме, претседателот на руската Дума, Долниот дом на парламентот, Вјачеслав Володин, го обвини НАТО дека е страна во воениот конфликт во Украина, сугерирајќи дека пактот е веќе силно вклучен во донесувањето на воените одлуки.
„САД, Германија, Велика Британија и Франција разговараат за можноста за напад ( на Украина) со употреба на оружје со долг дострел на територијата на нашата земја. Тоа не е ништо друго туку обид да се камуфлира и прикрие нивното директно учество во воената акција“, напиша Володин на својот канал на Телеграм.
Не е првпат Русија да гони западни агенти за шпионажа откако започна војната во Украина.
Исто така, руското Министерство за внатрешни работи распиша потерници за апсење на шестмина новинари поради илегално преминување на руската граница за да известуваат од регионот Курск, откако украинските сили упаднаа таму.
Руската безбедносна служба ФСБ минатиот месец соопшти дека отворила кривична постапка против неколку новинари, вклучително и британски дописник на американската Си-Ен-Ен, известувач на германскиот Дојче веле, известувач на италијанскиот јавен радиодифузен сервис РАИ и тројца Украинци кои работат за телевизискиот канал 1+1.
Руското МНР соопшти дека новинарите нелегално ја преминале границата и влегле во рускиот регион Курск и распиша потерници по лицата.
Нивните новински куќи претходно соопштија дека нивните патувања за известување во регионот биле легитимни.