Столтенберг: Со Кина не ги делиме истите вредности, но тие не се наш непријател
Но, шефот на Алијансата предупреди дека и покрај можностите за соработка, Кина останува „системски“ конкурент на НАТО и на Западот.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по дводневниот министерски состанок за надворешни работи на Алијансата, се осврна на предизвиците во односите помеѓу Кина и Западот, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Кина не е непријател на НАТО, јасно е дека подемот на Кина може да донесе нови можности, на пример во трговијата, глобалните прашања како контрола на оружје и климатски промени – вака Столтенберг го започна своето обраќање по завршувањето на министерскиот состанок вечерва.
Но, шефот на Алијансата предупреди дека и покрај можностите за соработка, Кина останува „системски“ конкурент на НАТО и на Западот.
– Кина не ги дели нашите вредности, Кина ги поткопува човековите права, брутализира други држави – изјави генералниот секретар на НАТО.
Тој ги повика демократиите „истомисленички“ да работат заедно во одбрана на нивните вредности, општества, економии и институции во рамки на поредок базиран врз правила.
Министрите за надворешни работи на НАТО, заедно со претставниците на Финска, Шведска, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореа, се согласиле да ја зајакнат соработката и размената на информации за да се пресретнат ефикасно опасностите кои доаѓаат од Кина, во воена смисла, како и во технолошка и инфраструктурна.
– Предизвикот за нашата безбедност од подемот на Кина е, исто така, причина зашто НАТО мора да преземе поглобален пристап и ова е клучен дел од мојот проект НАТО 2030 за зајакнување на нашата Алијанса за иднината – рече шефот на Северноатлантската Алијанса.
НАТО и земјите партнери, вели Столтенберг, треба да инсистираат Кина да ги почитува правилата на меѓународниот поредок.
Министрите на Алијанасата попладнево, исто така, дискутираа и за ситуацијата во Грузија и во Украина, каде Русија сѐ уште претставува опасност за суверенитетот и територијалниот интегритет на овие две земји.