Лагите кои што ги шират СДСМ и Зоран Заев, немаат крај, исто како што нема крај исцицувањето на буџетот за таа намена, пари за кои што секојдневно не задолжуваат. Срамот кој што во светот го доживува Република Македонија заради украдените фотографии од езерото во Германија прикажано како македонско, или фотографиите од Франција, во кампања за домашен туризам, имаат цена, обвини Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
– А, таа цена, почитувани, е договорена и спроведена во четири очи, без конкурс, без јавен оглас! Ова е јавната набавка во четири очи, тука се и дополнителните документи, во кои што стои дека Владата итно дава 20 илјади евра, заради итност оди со постапка со договарање, а не со конкурс, односно оглас. Тука е и документот од Бирото за јавни набавки за исполнети услови за постапување, за преговарање без објавување на оглас, заради корона кризата.
Внимавајте, се работи за апликација за туризам, за доделување на ваучери пред избори за туризам и заради тоа имало потреба од итност покриено со корона кризата. И секако, овој договор во четири очи, овој тендер без оглас, за интернет платформа поврзана со ваучерите од шест илјади денари, како наводна помош за време на епидемијата, а во насока на предизборен поткуп, овој тендер за кампања за домашен туризам со крадени фотографии од Германија и од Франција, заради што се огласија и авторите на фотографиите, го добива фирмата „ЏиСикс“, која добивала и работа во Струмица и секако пари, лани добива грант од Фондот за иновации!- вели Стоилковски.