СТОЈАНЧЕ БАРА МВР ДА ГО РАСЧИСТИ НАПАДОТ ВО ПЛАСНИЦА Од ЦУК бараат отстрел само на премногу агресивни мечки
На новинарско прашања за дислоцирање на мечките во другите делови од државата, Ангелов истакна дека тоа е чувствителна тема поради потенцијалната можност за вознемирување на жителите во новото место, како и дека не е едноставно да се носат овие големи животни.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов денеска на прес-конференција информираше дека е поднесено барањето до МВР за целосно расветлување на случајот со нападот на мечка врз 76-годишно лице од с.Пласница, во Општина Пласница.
– Утрово поднесовме барање до МВР за расветлување на случајот. Откако ќе бидат утврдени и потврдени сите околности на настанот и собрани информации за опасната мечка, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за екологија и просторно планирање, ќе биде поднесено барање за процена на исполнетост на условите за отстрел на опасната мечка којашто претставува ризик за животот и здравјето на жителите на овој регион – вели директорот Ангелов.
Тој посочи дека отстрелот на мечката, иако е заштитена со закон, е во согласност со Законот за ловство, член 16 став 5.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да дозволи лов на трајно заштитен дивеч во којшто спаѓа и мечката по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во Законот за заштита на природата во членот 23 став 2 е предвидено дека отстрел на диви животни се врши врз основа на претходно добиена дозвола од министерот кој раководи со органот на државна управа, надлежен за вршење на работите од областа на ловството, а врз основа на претходно прибавено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа, надлежен за вршење од работите на работите од областа на заштита на природата – потенцира Ангелов.
Првиот човек на ЦУК рече дека во последните десетици години нема регистрирани напади од мечки, па затоа треба да се види дали оваа посочена мечка е нешто повеќе агресивна и треба да биде мета на отстрел.
Тој посочи дека како Центар за управување со кризи, тие се против убивање на мечките, но во случај на опасна мечка која нападнала човек и за која постои опасност повторно да нападне ќе биде поднесена иницијатива за отстрел на дивото животно.
– За случајот со 76-годишното лице од Пласница, морам да напоменам дека нападот условно кажано беше благ. Мечката најверојатно била исплашена бидејќи имало ловен ден, таа бегала и со шепите го турнала, а потоа го гризнала и побегнала. Мислам доколку нападот беше поагресивен нападнатото лице ќе имаше посериозни повреди, а можеби и со смртни последици – рече Ангелов.
Ангелов информираше и за средбите со градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше и жители на засегнатите села, Ростуше, Требиште и Жировница како и за барањето до МВР за асистенција на Националниот Парк „Маврово“ и Општината Маврово и Ростуше во организирање на превентивна хајка со маневарска муниција (без проектил, зрно, пука но не убива) заради оддалечување на мечките од населените места.
– При дислоцирањето на дивите мечки, многу е важно тој што ќе ја успие да биде внимателен, пред сѐ за неговиот живот, бидејќи мора да пука од близина. Исто така е важна и дозата за успивање која ќе се примени, бидејќи ако е премалку може мечката да се разбуди при транспорт и да има проблем, а ако е преголема да ја усмрти – рече Ангелов.
Ангелов ги повикува невладините организации за заштита на животните со свои претставници да се вклучат во работата на координативното тело кое ќе се формира за надминување на опасностите од кафеавите мечки на територијата на државата.
Според директорот на ЦУК, жителите на Општина Маврово и Ростуше, сепак се навикнати на живот со мечките и генерално немаат проблеми.
– Проблемот е кога неколку условно речено агресивни мечки, се охрабриле и доаѓаат да јадат во дворовите, каде има храна и мириса на храна во секоја куќа. И мириса на мечката која е изгладнета. Станува похрабра и подрска во доаѓањето во населените места – рече Ангелов.
На новинарско прашања за дислоцирање на мечките во другите делови од државата, Ангелов истакна дека тоа е чувствителна тема поради потенцијалната можност за вознемирување на жителите во новото место, како и дека не е едноставно да се носат овие големи животни.