📽️ СТИГНУВА ЛОВЕЦОТ НА ИДНИНАТА Новиот таен авион ќе биде речиси невидлив

Проектот „Темпест“ треба да биде оперативен до 2035 година, а ќе располага со стелт-технологија, огромен дострел и најсовремени системи за собирање разузнавачки информации.

1

Велика Британија, Италија и Јапонија заеднички работат на еден од најтајните воени проекти во светот – развој на борбен авион од шестата генерација, познат како „Темпест“ (Tempest). Целта на Глобалната програма за борбена авијација (GCAP) е до 2035 година да биде произведен стелт-авион со голем дострел и најсовремени борбени способности.

Извршниот директор на заедничката компанија „Edgewing“, Марко Зоф, изјави дека трите држави се соочуваат со сериозни безбедносни закани и затоа се целосно посветени на развојот на новата генерација борбени авиони.






– Нашите земји се соочуваат со невидени закани, како поради начинот на кој тие се развиваат, така и поради брзината со која нашите противници ги зајакнуваат своите капацитети. Целосно сме посветени на развојот на систем од шестата генерација во предвидениот рок – изјави Зоф за британски „Телеграф“.

Според него, Велика Британија и Италија се особено загрижени поради потенцијалната закана од Русија, додека Јапонија сè повеќе го насочува вниманието кон растечката воена моќ на Кина.

Зоф нагласи дека проектот се реализира според планираната динамика и во рамките на предвидениот буџет, додавајќи дека идните технолошки решенија ќе можат релативно лесно да се интегрираат во авионот.

– Мораме да бидеме искрени, ова нема да биде лесна задача. Но, тоа е суштински дел од нашата одбрана во иднина – рече тој.

Според најавите, новиот авион ќе може незабележливо да навлегува во воздушниот простор на противникот, да собира и споделува разузнавачки информации, како и да изведува напади врз непријателски цели.

– Авионот од шестата генерација се темели на технологии кои се клучни за безбедноста и економскиот развој на нашите земји. Она што некој го гледа како трошок за даночните обврзници, ние го гледаме како инвестиција што ќе ѝ се врати на државата – истакна Зоф.

Компанијата има рок до декември 2027 година да ја заврши фазата на концептуален дизајн, по што ќе следуваат финалните инженерски решенија и почетокот на производството.

На проектот веќе работат инженери и експерти од трите земји, кои се собрани во англискиот град Рединг. Според Зоф, довербата меѓу партнерите и строгите безбедносни мерки се од клучно значење, бидејќи постојат обиди чувствителните информации да бидат прибавени од непријателски разузнавачки служби.

– Свесни сме дека постојат противници кои активно се обидуваат да дојдат до нашите информации. Правиме сè што е во наша моќ да ги спречиме – заклучи Зоф.

Поврзани содржини