Стевановиќ: За 20 до 30 отсто e намален бројот на амбулантските прегледи на Инфективна, но не треба да се релаксираме
Директорката на Клиниката за инфективни болести апелираше граѓаните за време на празничните прослави во домовите да ги почитуваат мерките за заштита, повика граѓаните да се воздржат од групирања, за да не се направи нов тренд на пораст на заразени со ковид 19.
Лесното намалување на бројките на новооткриени пациенти со ковид-19 во изминатата недела и вчерашните бројки на намалување на процентот на позитивни во однос на тестираните влева надеж , изјави директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ
– Од еден друг аспект гледано, на терен, не можеме да зборуваме дека бројките на клиниката се намалени, затоа што капацитетите се практично сѐ уште речиси целосно исполнети. Но, она што ни дава надеж и се поклопува со бројките што ги покажуваат извештаите на Институтот за јавно здравје е дневната фреквенција на амбулантски прегледи која е за 20, па и речиси 30 отсто намалена во однос на претходната недела. И ако сме имале просек на пациенти 100-120 па и повеќе прегледи за 24 часа на клиниката, сега таа бројка е сериозна намалена. Тоа е она што остава впечатокот дека бројката лесно се намалува – рече Стевановиќ во емисија на телевизија Телма.
Таа апелираше граѓаните за време на празничните прослави во домовите да ги почитуваат мерките за заштита, повика граѓаните да се воздржат од групирања, за да не се направи нов тренд на пораст на заразени со ковид 19.