Стефанова побарала да се продолжи притворот на Камчев
Обвинителката Лиле Стефанова го поднела предлогот во петокот.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побарало продолжување на притворот за бизнисменот Јордан Камчев во предметот „Плацови на Водно“.
Обвинителката Лиле Стефанова го поднела предлогот во петокот. Притворот на Камчев кој му беше изречен на 14 март, му истекува за два дена.
Камчев заврши во притвор поради белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) според која наводно се подготвувал за бегство. Белешката не ѝ била дадена на одбраната на Камчев поради што адвокатот Тони Менкиноски денеска најави дека ќе поднесе постапка за утврдување на незаконитоста на доказите со кои е одредена мерката притвор, како и дека ќе поднесе Претставка за несовесно и нестручно работење на судијата на претходна постапка, кој ја изрече мерката без да ѝ презентира докази на одбраната.