СТЕФАН МИЦОВ ГО ПОБЕДИ МОЛДАВЕЦОТ АНДРЕЈ ГОРБАН Калин Ивановски ќе игра со Илја Снитари во третото коло од Дејвис купот
Македонската тениска репрезентација поведе во дуелот од третото коло против Молдавија со 1:0 откако Стефан Мицов успеа да го победи Андреј Горбан со 2:0 во сетови (6:3 и 6:4) во меч што траеше 97 минути.
Самиот почеток на мечот имаше чуден тек откако во првите пет гема имаше пет брејка и во таквиот расплет водство од 3:2 во гемови имаше Мицов, кој ги доби и следните два гема на свој сервис, а сетот го заврши со уште еден брејк за 6:3 во првиот сет. Во првиот гем на мечот беа одиграни вкупно 20 поени.
Вториот сет беше сосема поинаков и тенисерите успеваа да освојат гем на свој сервис. Во таква ситуација кога прв почна да сервира Мицов, македонскиот тенисер имаше и предност од 5:4 во гемови, до моментот кога во 10-тиот гем успеа да направи брејк искористувајќи ја втората меч топка и сетот го заврши со 6:4.
Во вториот меч за Македонија настапува Калин Ивановски, додека на спротивната страна е Илја Снитари од Молдавија.
Во мечот во двојки се пријавени Ивановски и Мицов, а за Молдавија Андреј Киумак и Снитари.