СТАРОТО РАКОВОДСТВО НА РЕК БИТОЛА ЈА ИЗБРАЛО „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“ Комбинатот ќе плаќа само ако има потреба од машински интервенции

Во изминатите две години, за истиот повик единствен понудувач била фирмата „Марковски компани“, додека во 2024 година биле пријавени пет фирми од кои четири учествувале на таканаречената „негативна аукција“ преку која била постигната најниска цена од страна на посочената фирма.  

1,686

Новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола работат исклучиво според позитивните законски прописи и нема да дозволат ниту најмал сомнеж за злоупотреби при спроведување на законот за јавни набавки, ниту да прават политичка селекција на фирми кои учествуваат на јавните набавки.

Ова го изјавија од АД ЕСМ по информацијата дека компанијата „Марковски  компани“ која беше миленичка на поранешното раководство на ЕСМ и на високи функционери на СДСМ, добила нов тендер во вредност од 1 милион евра на кој стои потписот на новиот раководител на РЕК Битола.






Од ЕСМ не негираат дека договорот е потпишан од новото раководство, но велат дека целата тендерска постапка е завршена од претходното раководство на компанијата. Направена е и проверка на законитоста на постапката при што е утврдено дека е испочитувана комплетната процедура за јавни набавки.

– Договорот е потпишан на 7 октомври од новиот раководител на подружницата, и тоа дури откако е направено испитување на пазарните цени во однос на оние од Одлуката за избор и констатацијата на стручните служби дека биле понудени, односно избрани за најповолни – најниските цени достапни на пазарот во моментот. Имено, на актуелниот јавен повик од мај 2024 година, постигнати се единечни цени по работна рака кои се за околу 40% пониски во однос на цените постигнати во 2022 и во 2023 година, согласно критериумот најниска цена – велат од ЕСМ.

ЕСМ работи исклучиво според законите, велат од компанијата, и нема намера да врши политичка селекција на фирми кои учествуваат на јавните набавки.

– Секоја фирма и потенцијален оператор што се јавува на распишаните јавни повици е, и ќе биде предмет на детална проверка, согласно Законот за јавни набавки и според утврдените критериуми и правила за учество. Во контекст на јавната набавка за ангажирање на работна сила при потребата од машински интервенции во РЕК Битола, испочитувана е комплетната процедура – велат оттаму.

Во изминатите две години, за истиот повик единствен понудувач била фирмата „Марковски компани“, додека во 2024 година биле пријавени пет фирми од кои четири учествувале на таканаречената „негативна аукција“ преку која била постигната најниска цена од страна на посочената фирма.

Од АД ЕСМ нагласуваат дека станува збор за рамковен договор според кој се плаќа по ангажман, односно само доколку комбинатот – при одредени зафати има потреба од таков кадар.

Тендерот кој го доби „Марковски компани“ е распишан во мај и завршен на 22 август 2024 година.

– Согласно архивираноста на секој од документите кои се дел од предметната постапка, процедурата е спроведена во периодот пред да стапат на функција новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола. Јавниот повик бил објавен во мај годинава, и постапката за евалуација и избор на изведувачите е спроведена од претходното раководство на Комбинатот, вклучувајќи ја и одлуката за избор потпишана на 22 август годинава од претходниот раководител на подружницата РЕК Битола, Пеце Матески – велат од компанијата.

„Марковски компани“ е приватна битолска градежна компанија основана во 2003 година, а сопственик е битолчанецот Борче Марковски кој во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. Компанијата се поврзува со поранешниот премиер Зоран Заев. Оваа компанија во изминатиот период добиваше најголем број од тендерите за ископ на јаловина во РЕК Битола, за кои државната компанија плаќаше милионски суми.

„Марковски компани“ е компанија која лани имала најголем удел во јавните набавки, со вкупно 20 договори со ЕСМ, вредни 52 милиони евра. Сите договори биле за ангажирање механизација и работна рака во РЕК Битола.

 

Поврзани содржини