„СТАНДАР И ПУРС“ И „ФИЧ“ ГО ПОТВРДИЈА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА ЗЕМЈАВА Стабилни изгледи и континуитет на економските политики
Во рамки на последните објавени извештаи, „Стандард и Пурс" го задржа кредитниот рејтинг на државата на нивото „BB-" со стабилни изгледи, додека „Фич" го потврди кредитниот рејтинг на „BB+" со стабилен изглед.
Агенциите за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс” и „Фич” го потврдија стабилниот кредитен профил на земјата во полугодишните прегледи, информира Министерството за финансии (МФ).
Во рамки на последните објавени извештаи, „Стандард и Пурс” го задржа кредитниот рејтинг на државата на нивото „BB-” со стабилни изгледи, додека „Фич” го потврди кредитниот рејтинг на „BB+” со стабилен изглед.
– Со тоа, двете кредитни агенции го потврдуваат стабилниот кредитен профил на Република Македонија, при непроменети клучни фактори што влијаат врз рејтингот – велат од Министерството за финансии.
„Стандард и Пурс” изврши редовен полугодишен преглед на кредитниот рејтинг на РС Македонија, во рамки на календарот за суверени рејтинзи за ЕМЕА (Европа, Блискиот Исток и Африка) регионот.
– Станува збор за стандардна процедура согласно европската регулатива, при што се врши оценка на тековните економски и фискални показатели, како и на пазарните движења. Во рамки на овој полугодишен преглед не е објавено ново истражувачко ажурирање, што укажува дека клучните фактори кои влијаат врз кредитниот рејтинг на државата остануваат непроменети – велат од МФ.
Минатиот месец агенцијата „Фич” спроведе редовна ревизија на кредитниот рејтинг на државата, при што исходот од разгледувањето е „Review – No Action”, односно нема промена на постојниот кредитен рејтинг и нема да биде објавен посебен извештај.
– Потврдата на кредитните рејтинзи претставува јасен сигнал за стабилноста на макроекономските политики, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата редовно и навремено да ги сервисира своите финансиски обврски. Воедно, таа укажува на континуитет во спроведувањето на економските политики и отпорноста на економијата во услови на зголемена глобална неизвесност – велат од Министерството за финансии.
Според оценките на кредитните агенции, економскиот раст е поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во инфраструктурни проекти, како и од растот на потрошувачката на населението.
Кредитниот рејтинг претставува важен индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари, бидејќи го одразува нивото на ризик и довербата во економските политики на државата.
-Потврдата на рејтинзите од страна на двете водечки меѓународни кредитни агенции претставува значаен сигнал за доверба во економските политики и охрабрување за продолжување на реформите, со цел обезбедување одржлив економски раст и подобар животен стандард за граѓаните – изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.