СТАНАРИТЕ СО ЌЕБИЊА И ВО ПИЏАМИ БЕГАА ОД ЗГРАДАТА Изгоре „ренџ ровер“ кај „Шампионче“, пламенот ја зафати фасадата

Исплашени станари во раните утрински часови беа евакуирани од своите домови откако пламенот од запалениот „ренџ ровер“ зафати дел од фасадата на зградата кај „Шампионче“.

557

Ноќеска вистинска драма се случила во близина на градинката „Весели цветови“ – објект „Мимоза“, кај спортскиот комплекс „Шампионче“, кога луксузен џип „ренџ ровер“ со словачки регистарски таблички бил зафатен од оган.

Возилото било паркирано веднаш до станбена зграда, па пламените јазици брзо се прошириле кон фасадата, зафаќајќи дел од објектот. Жителите, уплашени дека пожарот може да се прошири во нивните домови, со ќебиња врз себе и облечени во пижами, потрчале надвор од зградата.






Се слушнаа пукотници, веројатно од пожарот, а потоа целиот пламен и чад го обвија возилото. Никој не знаеше што се случува, сите испаничени излеговме надвор – раскажуваат станари кои биле сведоци на настанот.

Некои од нив прво самостојно ја напуштиле зградата, а потоа пристигнала и полицијата која целосно ги евакуирала жителите.

Од Министерството за внатрешни работи го потврдија инцидентот.

„На 25.09.2025 во 03:47 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. Дичо Петров во Скопје било опожарено патничко возило „ренџ ровер“ со словачки национални ознаки, сопственост на В.Д.(41) од Скопје, а било зафатено и патничко возило „голф“ со бугарски национални ознаки, како и дел од фасада од станбена зграда и дел од продажен објект. Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат. Повредени лица нема, во тек е увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат оттаму.

Поврзани содржини