СРПСКАТА ЛИСТА СЕПАК ПОЛОЖИ ЗАКЛЕТВА ВО КОСОВСКОТО СОБРАНИЕ Влеговме за да го спречиме Курти да носи антисрпски измени на уставот
Тоа е поради последните информации до кои дојдовме за опасниот и антисрпски план на Албин Курти да иницира уставни измени со помош на самолојалните квази Срби во Собранието, вели Милан Јоксимовиќ, член на Српската листа во Собрание на Косово.
Пратениците од редовите на Српската листа се обврзаа во текстот на заклетвата во Собранието на Косово да работат во интерес на Косово, да ја почитуваат уставноста, законитоста, заштитата на суверенитетот, територијалниот интегритет и институционалниот интегритет на Косово, да гарантираат човековите права и слободи во согласност со законите на земјата, пишува Н1.
Од партијата велат дека тоа е стратешка одлука.
– Тоа е поради последните информации до кои дојдовме за опасниот и антисрпски план на Албин Курти да иницира уставна промена со помош на самолојалните квази Срби во Собранието – вели Милан Јоксимовиќ, член на Српската листа во Собрание на Косово.
И додаде:
– Единствената цел на нашиот денешен потег е да спречиме мандатите наменети за Србите да паднат во рацете на Курти и на неговите соработници, кои не му посакуваат ништо добро на српскиот народ на Косово и Метохија.
Политичарката Рада Трајковиќ смета дека новите девет пратеници на Српската листа влегле во Собранието за да го „спречат“ нејзиното влегување.
– Александар Вучиќ се плашеше дека со нашето влегување во парламентот ќе го загуби монополот што го има над српската заедница на Косово, бидејќи сигурно нема да може да управува со мене како што прави со оние од Српската листа. Целосно би ги заштитила интересите на Србите и на Српската црква, а тоа ќе го направи и нашиот пратеник Цветко Вељковиќ, кој сега влезе во парламентот – изјави таа.
Поранешниот градоначалник на Грачаница, Бранимир Стојановиќ, кој минатата година ја напушти Српската листа, смета дека не е добро што нивното место во собранието го заземаат членови на други партии.
– Тоа е смешно…Ако тие размислуваа да сакаат да ја задржат контролата врз тие места, не требаше да дадат оставка. Таа театралност и изведба за народот е нешто од што на сите овде им се гади, бидејќи очигледно само се занимаваат со тоа – нагласува Стојановиќ.
Истиот ден кога пратениците од Српската листа положија заклетва во Собранието на Косово, Канцеларијата за Косово и Метохија соопштува дека во четири општини на северот се спроведува потпишување договори меѓу Државата Србија преку Канцеларијата за Косово и Метохија и Србите кои ги напуштија институциите во Приштина.