Средношколците со ултиматум – комбинирана настава или распустот продолжува!

Како што најавуваат од Унијата на средношколци, решени се да ги искористат сите демократски механизми со цел да го зголемат бројот на средни училишта што ќе држат настава според комбинираниот модел што тие го предлагаат.

2,000

Средношколците му дадоа ултиматум на Министерството за образование и наука (МОН) до утре да го прифати нивното барање за комбинирано образование, оти во спротивно, најавија дека ќе ја бојкотираат целата учебна година.

Како што најавуваат од Унијата на средношколци, решени се да ги искористат сите демократски механизми со цел да го зголемат бројот на средни училишта што ќе држат настава според комбинираниот модел што тие го предлагаат.






– Очекуваме до 15 септември да има конечен став од Министерството за образование и наука, иако се знае дека наставата главно ќе се следи од далечина, односно од дома. Сепак, бојкотот е најверојатно неизбежен, но овој период Унијата се обидува со амандмани и со лобирање да ги смени одлуките што се носат – вели за Алсат, Бленди Ходаи од Унијата на средношколци.

Родителите и директорите преговараат

Во основните и во средните училишта во главниот град сè уште траат преговорите помеѓу родителите и директорите на училиштата за тоа дали е подобро децата да тргнат на училиште од први октомври или наставата да ја следат преку компјутер.

– Ми се јавија од училиштето каде што учи мојот син и побараа од мене да се изјаснам дали планирам да го пуштам детето на училиште. Веднаш им одговорив дека за мене е најважно здравјето на моето дете и дека онлајн наставата засега е најприфатливо решение. Доколку би го пуштила на училиште, тоа би се случило само ако треба да прави тест, но секако, најголем услов е училиштето да ги обезбеди сите мерки за заштита од коронавирусот – вели за Плусинфо родител од скопската општина Ѓорче Петров.

Очекуваме до 15 септември да има конечен став од Министерството за образование и наука, иако се знае дека наставата главно ќе се следи од далечина.

Бленди Ходаи Сојуз на средношколци

Од друга страна, општините во источниот дел на земјава веќе поднеле барања до Министерството за образование за физичко присуство на учениците во училишните клупи. Имено, Карбинци, Берово и Свети Николе побарале дозвола за реализирање на наставата со физичко присуство на децата, а да се вратат клупите побарале и родителите во средното училиште во Пробиштип, бидејќи, како што сметаат, има просторни можности кои ги задоволуваат здравствените протоколи.

Во Штип, пак, поголемите училишта се со став дека наставата треба се одвива комбинирано, бидејќи не можат да обезбедат почитување на протоколите ако сите ученици се вратат во училиштата, но затоа ќе бараат настава со физичко присуство во подрачните училишта и за децата со посебни образовни потреби. Наставниот кадар во петте основни и четирите општински средни училишта во Штип од први октомври ќе држи онлајн настава, а општината веќе работи на надминување на техничките проблеми поврзани со интернетот во повеќето училишта.

Вината е кај професорите

Претседателката на Младинскиот образовен форум, Стефани Спировска, во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека и покрај тоа што институциите имале повеќе од половина година, сепак на крајот задоцниле со платформата за онлајн учење.

– Учениците се незадоволни од начинот на којшто се спроведе онлајн или далечинското учење, меѓутоа од разговорите со нив, ние вината ја лоциравме кај неподготвеноста на професорите. Идејата, сама по себе, беше во ред за условите во коишто се имплементира, меѓутоа фактот што не инвестираме во професорите години наназад, што не се обновуваат нивните вештини, нивната дигитална писменост и слично, сега излезе повеќе од кога било на површина и резултираше во незадоволство кај учениците. Ние очекуваме дека ќе има некакво подобрување, поради тоа што еве изминаа четири месеци во коишто можеа целосно да се подготвуваат професорите и институциите, вклучително со распустот, а ако земеме и дополнителните три месеци во кои траеше пандемијата, тоа се повеќе од половина година време во кое можеше да се најде решение. Претпоставувам дека ќе има некакво поместување и се надевам дека и надлежните работеле на оние проблеми кои и ние ги лоциравме како организација – објаснува Спировска.

Проблеми во Србија

Седумнаесет ученици се заразиле со коронавирусот откако почна учебната година во Србија на први септември. Главниот српски епидемиолог Предраг Кон, во интервју за ТВ Прва изјави дека доколку состојбата се влоши, тогаш учебната година ќе продолжи онлајн.

– Засега не е одредено колку деца треба да бидат заразени за некое училиште да биде затворено, но засега сè е во ред – истакна Кон.

Комбинирана настава во Албанија и во Романија

Учебната година почнува во Грција, Албанија, Косово и во Романија. Во Грција и во Косово одделенијата ќе бидат во полн состав, односно со присуство на сите ученици, а во Албанија и во Романија наставата ќе се одвива комбинирано. Властите во Грција најавија дека учебната година почнува со маски, антисептици, со одржување на потребното растојание и под здравствени правила и протоколи, но и со лице одговорно за ковид-19 во секое училиште. Слично е и во Косово. Во Албанија и во Романија, пак, наставата ќе се одвива комбинирано, една недела со физичко присуство, една недела онлајн. Во Албанија наставниот час ќе трае 30 минути, а во училница ќе има до 20 ученици.

Поврзани содржини