СРЕЌНО НА МАТУРАНТИТЕ, КОЈ ПРЕПИШУВА, ЌЕ ЈА ИЗГУБИ ГОДИНАТА Државна матура полагаат над 15.000 средношколци
Од учениците очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговори, затоа што ќе влезат во ризик да ја изгубат целата година, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Оваа година очекувам сè да помине во ред и мир, со помалку несакани дејствија, односно препишување, што се случуваше во минатото. На учениците им пожелувам среќа и успех и успешна кариера – или на факултетите или на пазрот на трудот, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска претпладнево, на почетокот на полагањето на првиот екстерен испит од државната матура по мајчин јазик и литература.
Во 10 часот денеска почна полагањето на првиот дел од државната матура во средните училишта односно во амфитеатрите на факултетите за оние училишта кои немаат просторни услови.
Јаневска го посети Земјоделскиот факултет при УКИМ каде што полагаат матурантите од училиштата „Марија Кири Склодовска“ и „Димитар Влахов“.
– Сè е во ред, им благодарам на Земјоделскиот факултет и на сите други факултети и другите универзитети што излегоа во пресрет на образовните систем. На учениците им пожелувам успешно полагање и добар успех. На тестаторите и набљудувачите им порачувам да си ја извршуваат својата работа одговорно. Нагласувам дека законската регулатива е зајакната и не очекувам никој да влезе во ризик за да поднесе некакви санкции – рече Јаневска.
На учениците им порача дека ова е составен дел од нивното образование и оти „нема потреба од какви било стресови“.
– Материјалот го поминале и само требало да го повторат. Од нив очекувам да не користат никакви иновативни методи за да дојдат до точните одговори затоа што тие влегуваат во ризик да изгубат цела година. На учениците им пожелувам среќа и успех и успешна кариера – или на факултетите или на пазрот на трудот – изјави Јаневска.
Појасни дека санкциите се однесуваат и на тестатори кои ќе „прогледаат низ прсти и не видат ливче, телефон или учебник“, и во тој случај, рече, Државниот испитен центар ќе мора да преземе мерки. Тие ќе бидат веднаш отстранети од процесот и ќе бидат заменети со други, а потоа следуваат и санкции. За санкционирање на ученикот, рече Јаеа, најстрашно ќе биде што ќе биде отстранет од испитот.
– Тој што препишува не очекувам ни да знае, најверојатно ќе изгуби цела година до следното полагање на матурата, што значи изгубил година од животот или да влезе на пазарот на трудот или да влезе на факултет – додаде министерката.
И директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска им посака успех на сите матуранти, со очекување дека годинава резултатите од матурата ќе бидат пообјективни од ланските. Тие треба да бидат објавени најдоцна еден месец од полагањето на вториот екстерен испит односно околу 10 јули.
– Им посакувам успешен ден на тие што денеска го полагаат првиот испит од државната матура – по мајчините јазици. ДИЦ ги направи сите потребни подготовки. Во текот на целата година се работеше напорно за денес да тргнеме подготвени за реализација на првиот испит од државна матура. Испитниот материјал е во училштата и треба да е поделен. Посакувам успешен ден на сите матуранти, сите наставници кои се во улога на тестатори максимално одговорно да си ја сфатат својата задача денес бидејќи нивната улога е клучна во оваа наша работа – изјави Јовчевска-Михајловска.
Над 15.000 ученици во завршна година од средното образование денеска го полагаат првиот од двата екстерни испита од годинашната државна матура – мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти. Пријавени се 9.969 ученици за македонски јазик, 4.339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни.
Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради ковид-пандемијата.
Со донесените измени на Законот за средно образование, од наредната учебна година ќе се примени нов концепт на државна матура кој предвидува полагање на посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование.