Србија прва ја напушти Југославија, а ние патевме од комплекс на помала вредност и од вазалски сентимент кон Белград
Традиционално, најголемиот број македонски политичари, од формирањето на АСНОМ-ска Македонија до осамостојувањето, не се одважуваше да зборува за погрешните политики на кое било српско раководство - важни за Југославија и за сите во неа. Дури и во последните години пред распадот, тие што се одважуваа можеше да се избројат на прстите од едната рака. И повеќето од нив кога не беа на некоја државна, или друга важна функција.
Распаѓањето на Југославија започна далеку пред фамозниот конгрес на СКЈ. А Словенците и Хрватите не се ни единствените, ни најголемите виновници за тоа. Тоа, практично започна, како што предвидуваа разузнавачките служби на најголемите држави, веднаш по смртта на Тито. Но, идеолошкото ткиво за тој чин се ткаеше далеку пред тоа – посебно со повторното повампирување на големосрпскиот национализам. Да потсетам на некои важни моменти од настаните во Србија, без претензии за поголема исцрпност.
Памфлетот на Добрица Ќосиќ
Уште во далечната 1970 година, подоцна прогласениот „татко“ на српската нација, Добрица Ќосиќ, во неговата пристапна беседа за член на САНУ, искажа една голема будалаштина, со уште поголема опасност за односите во Југославија: „Српскиот народ добиваше во војна, а губеше во мир!“
Истата, во 1986 година, најде место и во фамозниот Меморандум на Српската академија на науките и уметностите, наведена, како (наводно) главна причина за заостанувањето на Србија во нејзиниот општествено-економски развиток. Како што Југославија запаѓаше во сѐ поголема (севкупна) криза и, еден по еден, го напуштаа овој свет нејзините основачи, така оваа памфлетска, популистички разорна реченица, стануваше сѐ посветол факел (аксиоматска вистина) за сите видови српски националисти. Се чекаше само водачот и моментот кога ќе се киниса во исправка на тоа што Србија „го добивала во војна, а го губела во мир“.
Водачот се најде, а и времето му се совпадна. Во 1987 година, власта во Србија ја зграпчи вештиот популист Слободан Милошевиќ, откако ги ликвидира политички, а некои од нив и физички (Иван Стамболиќ), неговите опоненти. Тој беше „избраниот“ што Србите ќе ги поведе во исправките на неправдите што ѝ биле нанесени на Србија, како што потоа ни се разјасни, преку две алтернативи – или со реконструкција на Југославија, во која одлучувачки ќе доминира Србија, односно претворање на Југославија во „проширена Србија“ (што би рекла Латинка Перовиќ); или, одвоено од неа, но со физички проширени граници на Србија на сметка на Хрватска и БиХ.
И, борбата почна: „институционално и вонинституционално“!
Уставниот удар на Слободан Милошевиќ
Во 1988 и 1989 година, Милошевиќ ги организираше познатите митинзи за де факто укинување (раздржавување) на покраините Косово и Метохија, и Војводина, како и за целосно „прибирање“ на Црна Гора во рамките на тогаш нарекуваните „српски земји“, денес, поперфидно, нарекуваниот „српски свет“. И, брзо успеа во тоа. Ги смени раководствата и „инсталира“ подобни, послушни, лојални. Зошто? Затоа што двете покраини биле членки на Федерацијата, а истовремено имаа и свои делегати (пратеници) во Собранието на Србија. Па, така, тие можеле да влијаат врз политиката на Србија, а Србија не можела битно да влијае врз нивната сепаратистичка политика. Го смени и раководството во Црна Гора и доведе негови приврзаници.
На почетокот на 1989 година, Милошевиќ ја најави промената на уставната положба на Србиja. Тоа што го стори со митинзите во покраините, да го вгради во Уставот на Србија. На тоа, со штрајк, реагираа рударите во рудникот Стари Трг кај Приштина. За да го задуши штрајкот, Милошевиќ побара од југословенскиот државен и партиски врв одобрување да употреби сила. Бидејќи на одржаниот митинг во Белград (19 ноември 1988 година), според некои проценки, доби поддршка од над 1 милион луѓе, на 28 февруари 1989 година, Претседателството на СФРЈ немаше каде. Ја одобри употребата на војската. Паралелно со тоа, српските полициски сили упаднаа во рудникот и го задушија отпорот на рударите, а на 23 март 1989 година косовскиот парламент беше принуден да ги прифати амандманите на Уставот со кои Покраината ги изгуби атрибутите на државност.
Пет дена подоцна, на 28 март 1989 година, Собранието на Србија ги прогласи амандманите на српскиот Устав, со честитки дека ја исправиле историската грешка со која било „намалено влијанието на српската држава врз својата територија“.
Борисав Јовиќ, тогаш претседател на Собранието на Србија, го квалификуваше Уставот на Југославија од 1974 г. како устав што ѝ бил наметнат на Србија – репетиција на запишаното од академиците на САНУ во 1986 година, во прочуениот Меморандум: „Србија мора отворено да каже дека тоа уредување (југословенското) ѝ е наметнато“.
Став на српското водство: „Македонија нема да ја молиме“
На 10 јануари 1990 година, десет дена пред почетокот на 14. Вонреден конгрес на СКЈ, српскиот државно-политички врв одржал координативен состанок, во состав: Слободан Милошевиќ (претседател на Србија), Петар Грачанин (министер за внатрешни работи), Богдан Трифуновиќ (претседател на ЦК СК Србија) и Борисав Јовиќ (потпретседател на Претседателството на СФРЈ).
Според записите на Б. Јовиќ, ја договориле „минималната стратегија“ на Србија. Денес би рекле, црвената линија:
- Зачувување на СКЈ како единствена организација;
- Зачувување на принципот на демократски централизам;
- Изолација на Словенија (така што, Хрватска, Македонија и БиХ да не можат да ѝ се придружат).
Во март 1990 година (истиот извор, 1990:1995:152-3) само два месеца по неуспешниот конгрес на СКЈ и месец дена пред првите парламентарни избори во Словенија и во Хрватска, наспроти јавните ламентации за Југославија, српското раководство почнува да ја напушта југословенската идеја. Одлучува да го прифати распадот на Југославија како готова работа. Со алтернатива, прифатена од Милошевиќ, дека таа може да биде и во помали географски димензии. Таков став бил заземен на неформалната политичка координација на врвот на Србија, на 26 март 1990 година, по поразот на комунистите и победата на националистите во Хрватска.
Заклучокот што го наведува Б. Јовиќ од таа координација е: „Оценуваме дека се остварува процес на распаѓање на Југославија на сличен начин како што се случи со СКЈ. Ни изгледа незапирлив. Србија ќе води искрена политика за опстанок на Федерацијата, но ќе се спреми да живее без Југославија. Во евентуалниот распад на земјата сметаме на единство со Црна Гора. Македонија нема да ја молиме. Ако она замоли, мора да се извини за гревовите спрема жртвите од Првата светска војна (кои ги смета за окупатори). Наша цел е да избегнеме крвопролевање, да воспоставиме граници во кои нема да се војува. Вон тие граници војната нема да може да се избегне, бидејќи БиХ нема да може да опстане како држава, а битка за територии без крв тешко може да е замислива. Србија нема да пристане на конфедерација. Единствен начин тоа да се прифати, но кој е неостварлив, би бил договорена гаранција за правата на српскиот народ во другите југословенски републики. Бидејќи тоа би било провокативно барање, и неостварливо, бидејќи српскиот народ на крајот би бил измамен, дури и кога сите би се согласиле на тоа, реално Србија нема ни една причина да прифати конфедерација….“ (Б. Јовиќ, 26 март 1990:1995:131-2)
Како Милошевиќ ги кроеше границите на скратената Југославија
На 28 јуни 1990 година, Борисав Јовиќ и Милошевиќ разговарале за новите граници на Србија и за географски помалата Југославија. Јовиќ, за тоа, во веќе цитираниот извор, пишува:
„Он се согласува со идејата за исфрлање на Словенија и Хрватска од Југославија, но ме прашува дали војската ќе изврши таква наредба? Му велам, мора… да не се сомнева во тоа, само ми е проблем што со Србите во Хрватска и како да се обезбеди мнозинство во Претседателството на СФРЈ за таква одлука. Слобо даде две идеи: прво,„отсекувањето“ на Хрватска да се изврши така што личко-банијските и кордунашките општини, кои создадоа заедница, да останат на наша страна, со тоа што подоцна народот на референдум да се изјасни дали сака да остане или да излезе; и второ, членовите на Претседателството на СФРЈ од Словенија и Хрватска да се исклучат од гласањето на одлуката, зашто не го претставуваат оној дел од Југославија кој сака таа одлука да ја донесе. Ако Босанецот биде ЗА, тогаш имаме двотретинско мнозинство. Слобо апелира таа одлука да ја донесеме најдоцна за недела дена, ако сакаме да ја спасиме државата. Без Хрватска и Словенија, Југославија ќе има околу 17 милиони жители, а тоа за европски прилики е доволно“.
Краток коментар на ова:
- Милошевиќ и натаму не го заборава „новиот кворум“ што го бараше за време на 14. Вонреден конгрес на СКЈ, откако словенечката и хрватската делегација го напуштија конгресот.
- Да го цитирам Дејан Јовиќ: „Иако Милошевиќ зборува за етнички (српски) граници, и натаму таа нова држава ја нарекува Југославија. За него, во тој момент, значи, нема разлика помеѓу српството и југословенството“. („Југославија, држава која је одумрла“, стр. 483.)
- Милошевиќ и Борислав Јовиќ воопшто не се сомневаат дека македонскиот претставник во Претседателството на СФРЈ ќе гласа за таква одлука. А можеби и затоа што сѐ уште еднопартиските органи во тоа време во Македонија (Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и колективното Претседателство на СРМ), не го увериле со ништо поинакво. Напуштањето и на нашата делегација на Конгресот на СКЈ, кој тој сакаше (со утврдување нов кворум) да продолжи и без Словенците и Хрватите, тој како да не го сфатил доволно сериозно, или знаел дека во Македонија има или ќе дојдат некои други луѓе кои „работите ќе ги средат поинаку“.
Една „нова Југославија“
На 2 јули 1990 година, Србите на референдум го поддржаа новиот Устав. На 28 септември, истата година, Собранието на Србија го изгласа и го стави во функција. Со тој устав, Србија фундаментално ја промени својата позиција во однос на федерацијата и односите со другите републики:
- Со член 72, став 1, таа целосно се позиционираше како конфедерална држава, во некој остаток од југословенската заедница. Тој член гласи: „Република Србија ги уредува и обезбедува: 1. суверенитетот, независноста и територијалната целовитост на Република Србија и нејзината меѓународна положба и односи со другите држави и меѓународни организации“;
- Со членот 135, Србија своето законодавство целосно го постави над федералното. Став 2 од тој член вели: „Кога со актите на органите на федерацијата, или актите на друга република, спротивно на правата и должностите што она ги има по Уставот на СФРЈ или на друг начин се загрозуваат нејзините интереси, а при тоа не е обезбедена компензација, републичките органи донесуваат акти за заштита на интересите на Република Србија“; и
- Србија дефинитивно им ги одзеде на покраините сите елементи на државност.
Со тоа, во Претседателството на СФРЈ и во Сојузното собрание, Србија ја наруши рамнотежата на застапеноста на републиките. Во Претседателството на СФРЈ стана „господар“ на 3+1 од неговите вкупно девет члена. Еден од т.н. потесна Србија (термин што посебно ја нервираше) и по еден од двете развластени (и дисциплинирани) покраини и еден од десубјективизираната, политички подјармена Црна Гора. Па, со евентуално приклонување кон неа на претставникот од БиХ (особено кога е етнички Србин), Милошевиќ сметаше дека го добива петтиот, мнозински глас. Тоа, бездруго, веќе не беше Југославија базирана на Уставот од 1974 година.
На 2 јули 1990 година, Србите на референдум го изгласаа новиот Устав (пред, на 28 септември, да го потврдат двата републички собори), а истиот ден, 114 албански делегати во Собранието на Косово ја прогласија покраината за независна република. Така добивме уште поразлична (и уште помалку) Југославија од онаа дефинирана со Уставот од 1974 година.
На 3 јули 1990 г. (акцијата раѓа реакција) словенечкото собрание ја прогласи Словенија за суверена држава (без зборот независна), а во декември истата година, знаеме дека го одржаа референдумот за целосна независност.
На 5 јули 1990 година, Србија го суспендира Собранието на Косово, а безбедносните служби ја запоседнаа радио-телевизиската установа во Приштина. Се воведе вонредна состојба.
Во август 1990 година, новооснованата „заедница на општини“ со мнозинство етнички Срби во Хрватска, објави референдум за создавање „Српска автономна област – Краина“. Потоа зазеде повеќе полициски станици и владини служби во тие општини, истерувајќи ги од некои од нив (и насилно) реформираните комунисти. Хрватската влада се обиде да ги спречи. Интервенираше ЈНА испречувајќи се меѓу нив – владините сили од една и Србите од друга страна – за да спречи судир. Во суштина, ги обезбедуваше новите етнички граници помеѓу Србите и Хрватите на територијата на Хрватска. Посебно од август 1991 година настануваат судири што ќе го спржат сѐ она што некогаш беше Југославија.
Разбојнички упад во монетарниот систем на Југославија
Ноќта помеѓу 25 и 26 декември 1990 година, за време на владата на Анте Марковиќ, во моменти кога високата инфлација почна драматично да се намалува, српските власти извршија „упад во монетарниот систем на Југославија“. Од сметката на Народната банка на Југославија (најразбојнички) симнале 1,8 милијарди долари и ги пренеле на сметката на Народната банка на Србија. Кога Борисав Јовиќ (цитирам извор) го прашал Станко Радмиловиќ, тогашен премиер на српската влада, зошто е сторено тоа, вториов му одговорил: „Без тоа, половина од Србија ќе останеше без плата и би ги изгубиле изборите“.
Како одговор на тоа, словенечкото раководство одлучи нивните граѓани, плаќајќи со чекови на просторот на Југославија, да можат да влегуваат во минусни салда од по 100.000 динари, кои словенечките банки нема никогаш да ги исплатат на имателите надвор од Словенија. Истото разбојништво се префрли и на теренот меѓу фирмите од различните републики. Многу од нив не им ги исплаќаа долговите на партнерските компании од „другата република“. Како никогаш повеќе дека нема да се сретнат на кој било пазар. Тоа веќе беше и период кога републиките престанаа да уплаќаат пари во сојузната каса, потребни за финансирање на Федерацијата и невидени напори од српското раководство да ја блокира работата на Сојузната влада.
На 9 март 1991 година, во Белград, предводени од СПО на Вук Драшковиќ, се случија едни од најголемите и најдраматични (крвави) демонстрации – поради внатрешните состојби во Србија. Српското раководство (кое де факто капитулираше), на чело со Милошевиќ, ги „нанижа“ следните дејствија:
На седницата од 12 март 1991 година, преку своите членови Претседателството на СФРЈ, побара да донесе одлука за прогласување вонредна состојба во Југославија, со која ЈНА би се „справувала“ со „нередот“ во државата – создаден токму од тие што ја повикуваат да ја преземе власта. Претседателството не ја изгласа одлуката. Во знак на револт (бездруго, по барање на Милошевиќ) Борисав Јовиќ, претседавач, на 15 март поднесе оставка и од членството во Претседателството. Во обраќањето пред јавноста, го реафирмираше членот 135 од нивниот нов Устав (усвоен осум месеци пред тоа) па соопшти: „Србија повеќе нема да ги признава одлуките на федералните установи ако процени дека се спротивни на нејзините интереси“.
Ден потоа (16 март 1991 година), во телевизиското обраќање, Милошевиќ ѝ соопшти на јавноста и на цела Југославија: „Југославија остана без Претседателство! […] Блокирано е од оние што ја рушат Југославија, а ја руши антисрпската коалиција во соработка со надворешни фактори […] Србија нема да признае ниту една одлука на Претседателството во такви околности“. Го пофали чинот на оставката на Јовиќ од претседател и член на Претседателството на СФРЈ, којашто всушност тој му ја побарал, за подоцна да го враќа, како покиснат глушец, на истата позиција.
Сиве набројани (и уште многу неспомнати) настани, без сомнеж, беа дел од сценариото на Милошевиќ: или модерна федерација (што подразбира еден човек еден глас во носењето на одлуките и на федерално ниво, зашто Србите беа најбројна нација во СФРЈ (37% од вкупното население); или Југославија нема да ја има. Ги изложувам овде, како потсетување до „плејадата борци“ за осамостојување на Македонија, дека заклучно со 25 јуни 1991 година, не една, не две, туку три републики веќе ја имаа и де јуре и де факто погребано Југославија.
Зошто за нас Словенците и Хрватите беа главни виновници за распадот на Југославија?
Во Македонија до тоа време имавме усвоено само една „итроманска“ декларација за потврдување на „постојниот“ суверенитет, евидентно без никакви сериозни подготовки за опцијата суверена и самостојна Македонија.
Зошто политиката на српското раководство во Македонија не се доживуваше како пресудна за распаѓањето на Југославија?
И покрај клучната улога на политиката на српското раководство за распадот на Југославија, во Македонија надвладеа мислењето дека главните виновници за тоа се прво Словенија, а потоа Хрватска.
Еве, според мене, барем неколку причини за тоа мислење:
Српското раководство првично немаше намера да ја растура Југославија. Според планот „А“, сакаше да ја „освои“ под истото име. Прво, внатре во неа, да ги укине покраините (како што стори), а потоа радикално да ги зголеми ингеренциите на федералните органи и како мнозинска нација во неа (37%), со примена на либерално-демократскиот принцип на надгласување, да доминира во одлучувањето. Ова беше планот за „Југославија сфатена како проширена Србија“ (Латинка Перовиќ). Беше уверена дека тоа решение ќе го наметне. Кога Словенците први се заканија дека наметнувањето на таква Југославија ќе ги натера да излезат од неа, Србите го соопштија нивното „теоретско“, „стручно“, „научно“, образложение. Дека тоа не е можно, зашто би значело „отцепување“, повреда на територијалниот интегритет на Југославија, менување на нејзините граници, а тој чин ќе мора да се спречи и со интервенција на ЈНА.
Пропагандата за „цврста рака“ и „модерна федерација“
Имено, ја „извадија“ (од некаде) тезата дека правото на народите на самоопределување до отцепување е супсумирано (потрошено) со формирањето на Авнојска Југославија. И уште нешто, во прилог на тоа: етничките браќа и сестри кои живеат вон „матичната република“, не се малцинства. Туку, заедница со статус на народ, нераскинлив дел од матичниот, од браќата и сестрите кои живеат во единствената земја – само одвоени со формални меѓурепублички граници. Ова требаше да значи дека републиките немаат свој изворен државно-правен суверенитет, наспроти Авнојските принципи за настанокот на повоена Југославија и одредбите на Уставот од 1974 година. (Види прв став од основните начела на тој Устав).
Испраќањето на ЈНА на 27 јуни 1991 година да интервенира во Словенија (огромна грешка на Анте Марковиќ) беше практична неуспешна одбрана на оваа „теорија“. Сите што не беа на линијата на овој „концепт“ беа прогласувани за „разбивачи“, противници на Авнојска Југославија, завереници против Србија и српскиот народ. Развија невидена медиумска кампања за да се претстават како бранители на Југославија, која е можна само како цврста, унитарна држава, со силно сојузно водство што ќе може успешно да ги реши веќе големите проблеми во кои западна. Кампања од која и мртвиот Гебелс би посакал да научи нешто ново. Фразите „модерна федерација“, „единствена“ и „цврста“ Југославија, се повторуваа милиони и милиони пати.
Во средини (од културолошки аспект) во кои е поизразен таканаречениот „строг татковски модел“, модел на цврста рака, која раководи со „фамилијата“ (државата) и е најодговорна за решавање на проблемите (како на пример, во Македонија) таа пропаганда за „цврста Југославија“, „силно сојузно водство“ (со што самите сме ослободени од одговорност), плус соседските и историските врски, успеа подобро да ги врами српските ставови во мислењето на луѓето кај нас, наспроти оние на „непринципиелната коалиција“.
За мобилизација на своите граѓани на таа линија, пак, на српското раководство воопшто не му беше многу тешко. Ја крена српската позиција за таканаречените „идни односи“ во заедничката држава на ниво на библиска инструкција, претставувајќи го српскиот народ (токму како што халуцинираше Добрица Ќосиќ) како „вечна жртва и праведник“, „предаден и измамен од браќата за кои се борел“ (односно од другите народи во Југославија) и од целиот свет“.
Ова е текст за нашата „култура на мамење“. Посебно во моменти кои слободно може да ги наречеме „соочувања со историјата“. За упорноста на нашите претставници на власта, секогаш на својот народ да му „скројат капа“, според сопствената, а не според неговата глава. Секогаш „лагата да блесне посилно од вистината“. Притоа, ќе се обидам тоа да биде што повеќе во согласност со геслото на Огист Конт (Auguste Compte): „Ништо не претпоставувам, ништо не предлагам, јас изложувам“, што, признавам, воопшто не е лесно. Па, ако покажам недоследност во таа смисла, однапред се извинувам.
Фабриките за лаги за ужасот на војната ја „обработуваа“ и Македонија
Планот „А“ не успеа. Почнаа да се редат референдумите за „отцепување“, или „раздружување“. Словенија – 23 декември 1990 година, Хрватска 19 мај, или нивно, заедничко правно активирање на 25 јуни 1991 година. На 17 декември 1991 година беше објавена Бриселската декларација за Југославија, која, по препорака на Меѓународната арбитражна комисија, предводена од Роберт Бадинтер, претседателот на Уставниот суд на Франција (патем, предложен за тоа место од Милошевиќ), ја констатира дисолуцијата на СФРЈ и ги повика сите тогашни републики да се изјаснат за независноста. Истовремено, републиките добија ветување дека до 15 јануари 1992 ќе бидат меѓународно признати. Ситуацијата драстично се промени за Србија.
На сцена стапи планот „Б“, со соодветно адаптирање на „теоретското“ образложение за кое погоре зборувавме. „Ако народите имаат право на самоопределување до отцепување (како што Словенците и Хрватите тоа веќе го сторија) тогаш и Србите во Хрватска и Босна, кои не се малцинства, туку народ, имаат право да се самоопределат и да се отцепат“. И така почна (малку и пред тоа подготвувана) битката за физичко проширување на границите на Република Србија – ужасот на војната, со соодветна медиумска кампања за оваа етапа.
Кој е окупатор, кој над кого врши геноцид, кому колку му убиле, кој прв почнал, па Србија не војува, туку таму се самоорганизира и брани недолжното население од „терор и геноцид“… Фабриките на лажни информации, монтираните снимки, конструкциите на разузнавачките служби, работеа 24×7, дисеминирајќи ги на сите страни. Во Македонија беа емитирани претежно од српските медиуми во служба на режимот на Милошевиќ. Кај нас, имаа на располагање и најмалку една телевизија за национална фреквенција и мноштво разузнавачи во спрега со нашите сили за статус-кво. Многу погребани вистини, кои и до денешен ден не се откопани. И, нормално, тоа не можеше да биде без влијание врз перцепцијата на луѓето за тоа кој е „маченикот“, кој е „измачувачот“, кој се бори за правда, а кој ја нарушува.
Излажаа многу луѓе во Македонија, најмногу во Србија. Не ги излажаа западните цивилизирани држави, кои, целата приказна за распадот на СФРЈ и граѓанските војни во спомнатите делови, како и она што потоа се случуваше на Косово, подобро го документираа од сите нас.
Подоцна извршениот атентат врз Глигоров (казна за договарано, а неиспорачано), скандалозно неистражуван и фрлен во заборав од сите гарнитури на власт од тогаш до денес, беше (е) производ на таа соработка на „силите за статус-кво“, како од геополитичка така и од идеолошка гледна точка.
Комплекс на помала вредност и вазалски сентимент
И уште нешто, можеби поважно од досега наведеното, во врска со прашањето во овој поднаслов на текстов. Традиционално, најголемиот број македонски политичари, од формирањето на АСНОМ-ска Македонија до осамостојувањето, не се одважуваше да зборува за погрешните политики на кое било српско раководство – важни за Југославија и за сите во неа. Дури и во последните години пред распадот, тие што се одважуваа можеше да се избројат на прстите од едната рака. И повеќето од нив кога не беа на некоја државна, или друга важна функција.
На неоснованите напади кон Македонија, на измислиците, клеветите, потценувањата, искривувањата на историјата, подобро парираа новинарите од тогашната НИП „Нова Македонија“, отколку државните функционери. Кои, преку изданијата на издавачката куќа, посебно на страниците на дневниот весник „Нова Македонија“, достојно им реплицираа на политички диригираните медиумските хајки од северниот сосед. Во еден момент, изнервирани од однесувањето на сопствените државни функционери, им се обратија со отворено писмо, насловено: „Зошто молчите?“ Тој сентимент кај нашите политичари, амалгам од комплексот на помала вредност, од историските наслаги на вазалство и постојаниот калкулус за користа и штетата по личните кариери, не се менуваше лесно. Не е воопшто непознато дека не само што функциите на нашите луѓе во федерацијата им зависеа од српското аминување, туку и оние во самата Република. Речиси 50 години, на најголемиот број и истовремено на најзначајните функционери во Републиката и во својство на претставници во Федерацијата, беа пред сѐ кадри од таканаречената „белградско-крагуевачка школа“.
(Во третото продолжение: Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!)