📷 СРБИЈА Е СПРЕМНА ЗА ВОЕН СОЈУЗ СО УНГАРИЈА Вучиќ ќе се сретне со Орбан, потпишан е договор за соработка во одбраната меѓу двете земји
Унгарија беше со нас не само кога беше лесно, и затоа Унгарија секогаш ќе може да смета на поддршка од Србија, без оглед на тоа дали околностите во кои ќе се најде ќе бидат лесни или тешки бидејќи така се препознаваат пријателите. Го замолив министерот да му ги пренесе моите срдечни поздрави на премиерот Орбан, кому сум му благодарен за сè што направи за унапредување на српско-унгарските односи, нагласи претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Претседателот Александар Вучиќ присуствуваше на свеченото потпишување на Договорот за стратешка соработка во областа на одбраната меѓу Србија и Унгарија, по што во своето обраќање пред јавноста го нагласи значењето на овој документ и партнерството меѓу двете земји, објави српски Курир.
– Почестен сум што денеска имам можност да го угостам министерот Салаи-Бобровнички, унгарскиот министер за одбрана, бидејќи ова претставува продолжение на нашата многу значајна стратешка соработка меѓу Србија и Унгарија во областа на одбраната, која е еден од најважните аспекти на нашата севкупна соработка – рече Вучиќ.
Од сите земји во регионот, посочи тој, Србија има најинтензивна и најразвиена соработка во областа на одбраната токму со Унгарија, и тоа според бројот и според значењето на заедничките активности.
– Со денешниот документ, кој го потпишаа двајцата министри, практично се операционализира и конкретизира Договорот за стратешка соработка во областа на одбраната, постигнат во 2023 година – изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека за оваа година се договорени најголем број активности досега, „а она што го постигнала српската влада со унгарските пријатели е од огромно значење за Србија“.
– Денеска градиме најблиски стратешки односи во областа на одбраната, а премиерот Орбан и јас изразивме желба и намера да продолжиме со забрзување и со понатамошно приближување на сите наши ставови во сферата на одбраната – рече Вучиќ.
Србија секогаш ќе ја поддржува Унгарија
Тој додаде дека Унгарија секогаш може да смета на српската поддршка.
– Унгарија беше со нас не само кога беше лесно, и затоа Унгарија секогаш ќе може да смета на поддршка од Србија, без оглед на тоа дали околностите во кои ќе се најде ќе бидат лесни или тешки бидејќи така се препознаваат пријателите. Го замолив министерот да му ги пренесе моите срдечни поздрави на премиерот Орбан, кому сум му благодарен за сè што направи за унапредување на српско-унгарските односи – нагласи Вучиќ.
Претседателот посочи дека Србија ја има најзначајната соработка со Унгарија, а со овој договор таа соработка во областа на одбраната се конкретизира.
– Благодарение на Орбан и на неговата влада имаме мир, бидејќи тие во 1999 година не дозволија копнена офанзива од нивната територија – изјави Вучиќ, ставајќи акцент на соработката и на пријателството.
Вучиќ рече дека годинава се договорени 79 заеднички активности, меѓу кои особено важни се хеликоптерските вежби на полигоните во Унгарија и во Србија.
– Денес сме дојдени во позиција да градиме најблиски стратешки односи во областа на одбраната, размислуваме и работиме на натамошно унапредување, верувајќи дека овој договор за заеднички активности ќе продолжи кон уште поголемо приближување и кон формирање воена алијанса или воен сојуз меѓу Србија и Унгарија. Се разбира, за тоа одлучува унгарската страна, одлучуваат и унгарскиот и српскиот парламент и сите останати – изјави Вучиќ.
Вучиќ најави скорашна средба со премиерот Орбан
Вучиќ потсети дека Унгарија од Србија купува муниција, покажала интерес и за српски возила, додека, пак, Србија е заинтересирана за одредени советски системи, како Lynx, БТР и други.
– Покажуваме голем интерес за понатамошна соработка, тоа за нас е исклучително важно, а наскоро очекувам и средба со премиерот Орбан. Нашиот извоз кон Унгарија од 2012 година е значително зголемен, така што денес Унгарија е петти најголем надворешен трговски партнер на Србија – рече Вучиќ.
Тој особено се заблагодари за поддршката што Унгарија ѝ ја дава на Србија, не само кога е лесно, туку и кога е тешко.
– Пријателите се познаваат во неволја – додаде Вучиќ, нагласувајќи дека Србија и Унгарија се сигурни енергетски партнери. Покрај нафтоводот Јанаф, тој најави изградба на уште еден нафтовод, што ќе биде важен за диверзификација.
– Унгарија била и секогаш ќе биде доверлив партнер во оваа област – рече Вучиќ, потенцирајќи го и снабдувањето со гас.