СРАМЕН И НЕДЕМОКРАТСКИ ПОТЕГ НА МАРИЧИЌ Министерот за правда ја зеде „правдата“ во свои раце
Кога јас би бил на местото на министерот за правда Бојан Маричиќ, тогаш без да размислувам би ги отстранил од списокот оние имиња кои се спорни и кои не ги исполнуваат условите за помилување, но би им дозволил на другите лица на списокот да бидат помилувани. Зошто само поради тројца спорни осуденици да трпат 45 други затвореници кои го заслужиле помилувањето, прашува поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Срамен и недемократски потег со кој министерот за правда во заминување, Бојан Маричиќ, ќе остане запаметен во македонската историја, е поништувањето на постапката за традиционалното новогодишно групно помилување на затвореници. Воден од популистички побуди по реакциите во јавноста, министерот по брза постапка пресече последната негова одлука да биде – нема помилувања за Нова година. Со овој потег Маричиќ му ја одзеде можноста на претседателот Стево Пендаровски да го има последниот збор и на своја совест да ја носи одлуката за помилувањата, без разлика кого сѐ ќе опфати таа.
Како резултат на оваа кусогледа одлука на Маричиќ, и наспроти неопходните реформи што државата треба да ги спроведе за успешна рехабилитација на осудениците, долгорочни последици ќе имаат луѓе чие враќање во животот до вчера зависеше исклучиво од милоста на претседателот на државата. Сѐ додека министерот за правда не ја зеде „правдата“ во свои раце.
Вака правните и политичките експерти ја оценуваат одлуката на министерот да подлегне под „силниот притисок на јавноста“ и да им ги урне надежите на вкупно 48 осуденици, кои, според мислењето на затворските управи кои ги креираат списоците, ги исполнуваат сите услови за да бидат помилувани или да им биде скратена затворската казна.
Но, и покрај тоа што сите имиња на списокот успешно го поминале филтерот на затворските управи, сепак, тројца од нив – Сеад Кочан, Александар Василевски-Нинџа и Бобан Илиќ – очигледно не го поминаа „филтерот“ на јавноста, па министерот Маричиќ реши да ги „казни“ и останатите 45 осуденици од списокот и да ги смести во графата „колатерална штета“.
На ваквата негова одлука, освен правните експерти и аналитичарите, остро реагираше и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој му порача на министерот дека празничните помилувања се задолжителни и дека мора да ги има.
– Помилувања во принцип мора да има затоа што секојпат има барања, е сега теоретски кажано, може да се добијат 30 или 50 предлози, а да не се прифати ниту еден. Помилувањата поминуваат преку неколку нивоа пред да стигнат до мене – истакна Пендаровски.
Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, во изјава за Плусинфо вели дека во овој наш нефункционален правен систем секој си прави и си толкува онака како што нему му одговара.
– Кога јас би бил на местото на министерот за правда Бојан Маричиќ, тогаш без да размислувам би ги отстранил од списокот оние имиња кои се спорни и кои не ги исполнуваат условите за помилување, но би им дозволил на другите лица на списокот да бидат помилувани. Зошто само поради тројца спорни осуденици да трпат 45 други затвореници кои го заслужиле помилувањето? Но, во овој наш нефункционален правен систем, секој си прави и си толкува онака како што нему му одговара. Инаку, групните помилувања за Нова година и за Илинден се традиционални, но тоа не значи дека е задолжително да се спроведат. Но, кога веќе затворските управи ги креирале списоците со затвореници, тоа значи дека тие затвореници го поминале филтерот и го заслужиле помилувањето. Сметам дека не е во ред да им биде ускратено правото на слобода само затоа што министерот за правда подлегнал под силниот притисок на јавноста – објаснува Ивановски.
Најлесно е да кажеш дека помилувањата мора да се случат „во пакет“, а притоа никаде не пишува дека помилувањата мора да се случат „во пакет“.
Аналитичарот Синиша Пекевски, пак, смета дека укинувањето на новогодишните помилувања е најобична театарска претстава режирана од самиот врв на владата.
– Не е важно дали претседателот Стево Пендаровски тврди дека не е легално да се укинат помилувањата, а министерот за правда Бојан Маричиќ тврди дека е легално. Проблемот е во тоа што некој дозволил воопшто да дојдеме во ситуација кога шефот на државата практично влегува во клинч со министерот за правда. Во случајот со укинувањето на новогодишните помилувања, дефинитивно најголема и најважна улога игра корупцијата. Најлесно е да кажеш дека помилувањата мора да се случат „во пакет“, а притоа никаде да не пишува дека помилувањата мора да се случат „во пакет“. Јас сметам дека во ситуацијава станува збор за договор – или ќе одат помилувањата „во пакет“ или ќе се направи узбуна и никој нема да биде помилуван. Како што за сè ни прават театар, така и за ова сметам дека е театарска претстава. Јас лично не верувам дека овој театар е во самостојна режија на Маричиќ, туку нему му е само кажано она што го договорил премиерот со одредени луѓе. Неприфатливо е заменик-министерот за правда да не се согласува со одредена одлука, а министерот да биде ставен пред свршен чин. Не знам како да ја искажам нефункционалноста на системот, ако воопшто може да се нарече систем – објаснува Пекевски.
Во списокот за помилување што го креирале затворските управи и го испратиле до Министерството за правда може да се прочитаат вкупно 48 потенцијално помилувани осуденици, а помеѓу нив се наведени и имињата на тројцата спорни затвореници: бизнисменот Сеад Кочан, сведокот за „крвавиот четврток“ Александар Василевски-Нинџа и Бобан Илиќ, осуден за убиството на малиот Алмир во Куманово.
ПОМИЛУВАЊЕТО Е ДЕМОКРАТСКИ ЧИН И затвореникот има право на свое утре!