ПРОСТОРОТ ЗА ДРЖЕЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА МИНИМУМ Бизнисот плаќа и 4 пати повисоки сметки за струја, следува ценовен шок

Енергетските експерти оценуваат дека наскоро ќе биде неминовно да се зголеми цената на струјата што ќе влијае и на спиралата на зголемување на цените на индустриските производи.

1,523

Има ли решение земјава да не се соочи со ценовен шок што го најавија компаниите поради високите цени на струјата?

Бизнисмените велат дека тешко ќе го издржат ударот, ако не бидат помогнати. Најтешко е во прехранбената и преработувачката индустрија, кои дополнително треба да се справат со високите цени на суровините од увоз, но проблеми имаат и рудниците и текстилната индустрија.






Енергетските експерти велат дека во „5 до 12“ не се обезбедува јаглен за термоелектраните и ако не се обезбеди ќе се намали можноста државата да ги помогне бизнисите со поевтина струја. Сепак, за нив е неминовно зголемувањето на цената на струјата за сите корисници независно дали тоа ќе биде до крајот на годината или веќе наредната. Основа за тоа се глобалните случувања со струјата и посебно во Европа, а земјава не може да биде исклучок од тие случувања.

Прашањето се наметна откако вчера ЕСМ соопшти дека на тендерот не биле понудени доволни количини јаглен за ТЕЦ Битола. Од бараните 900.000 тони биле понудени само 165.000 тони. Обезбедувањето на дополнително производство на електрична енергија кое ЕСМ ќе го продава на компаниите беше најавено како мерка со која ќе се заузди ценовниот шок.

Според тоа што беше кажано вчера од државниот производител на електрична енергија, ќе се прави нов обид да се набави јаглен за да се оствари планот на владата, но експерти велат дека на вториот обид компаниите ќе понудат и повисока цена на јагленот што пак ќе значи и поголеми трошоци за производство на електрична енергија. Засега само ТЕЦ Осломеј ќе може да работи за да може ЕСМ да им продава струја на компаниите, ако притоа ги задоволи потребите на домаќинствата за кои на ЕВН треба да ѝ обезбеди 70 отсто од потребната количина по договорена цена.

Бизнисмените кои сега се соочени со четирикратно повисоки сметки за струја велат дека тешко ќе можат да работат рентабилно. Дел од нив веќе најавија дека ќе бидат принудени да ги зголемат цените на производите за да преживеат. Алармираше и Стопанската комора, но ефекти од сето тоа засега не се видливи.

Експертот од рударскиот сектор Николајчо Николов оценува дека рудниците и покрај зголемените цени на металите, поради 3 до 4 пати повисоката цена на струјата тешко ќе можат да се одржат на позитивна нула во работењето.

– Сметките за струја на рудниците се зголемени за 3 до 4 пати. Ако на пример рудникот „Бучим“ до пред кризата со струјата плаќаше 500.000 евра месечно за струја сега плаќа меѓу 1,5 и 2 милиони евра. Такви се сметките и на другите рудници. Тоа се големи суми кои, пак, ја топат добивката од зголемените цени на металите кои беа поволни за работењето на рудниците – вели Николов.

Цената на струјата, додава тој има учество од 20 отсто во цената на крајниот производ на рудниците. Дополнително и нафтата која како енергенс се користи во работата на рудниците има учество од 8 до 9 отсто во цената на производот.

– Тоа секако влијае на цената на производот, односно го намалува приходот од продадениот производ кој се продава по берзански цени – додава Николов.

Тој вели дека е добро што се набавува јаглен за термоелктраните зашто тоа ќе влијае да се намали ценовниот удар врз целата производна економија во земјава.

Текстилните компании исто така се соочуваат со високи цени на струјата иако веќе потпишале договори со фирми увозници на струја на цена од 78 евра за мегават струја.

– Дел од компаниите од оваа индустрија се соочени со еднострано раскинување на договорите за набавка на струја и се соочени со високи сметки како последица на тоа. Кај нив учеството на струјата сега може да се зголеми на 10 отсто во цената на производот. Дополнително и странските партнери веќе со години не ги признаваат зголемените трошоци во производството и не ги зголемуваат цените на производите. Сето заедно има големо влијание врз работата на компаниите-вели Ангел Димитров од „Мода“ Свети Николе.

Димитров вели дека може да се рече дека има и олеснителна околност кај одделни компании кои инсталираа фотоволтаици на погоните и со тоа го ублажуваат учеството на струјата во крајниот производ.

– Конкретно кај нас во „Мода“ учеството на струјата во крајниот производ е околу 2 отсто, но ние имаме инстлирно фотоволтаици од страна на домашна фирма која ни ја продава по договорени цени струјата – вели тој.

Сепак бизнисмените сметаат дека во некои гранки учеството на цената на струјата е и до 40 отсто во цената на производот, а тоа ќе влијае многу на времето до кога ќе можат компаниите да издржат без да ги зголемат цените на производите.

Енергетските експертите велат дека немањето стратегија ја доведе земјава во незавидна положба во однос на производството и цената на струјата. Термоелктраните не се поврзани со гасоводите, а производството на струја од обновливи извори е мало за да може да се стабилизира цената и да се надминат ударите однадвор.

Обидот да се обезбеди јаглен за работа на термоелектраните е добар но задоцнет, бидејќи требало да се обезбедат резерви најмалку пред шест месеци, велат тие.

Професорот Константин Димитров во изјава за Плусинфо неодамна рече дека во ваков случај мора да се активира ТЕЦ Неготино иако работи на мазут, а не на гас како што беше планирано, бидејќи, ако не се успее да се обезбеди јаглен за производство на ТЕЦ Битола состојбата ќе стане алармантна.

Тој додава дека компаниите се оставени да се снаоѓаат сами, што е лошо за економијата на земјава.

– Да се надеваме дека со употреба на сегашните капацитети и со огромни напори ќе има струја за домаќинствата, но компаниите се оставени сами на себе. Нема никаква помош од државата околу нивното снабдување со струја и може да се очекува банкрот на фирми. Сето тоа негативно ќе влијае на производството, на цените и на буџетот. Па мислам дека меурот на кризата може да пукне токму на енергијата, што ќе доведе до колапс и на економијата – изјави Димитров.

И добриот познавач на пазарот на струја и поранешен вицепремиер во владата Кочо Анѓушев во изјава за Фактор вели дека е неминовно цената на струјата да се зголеми, а тоа за индустријата ќе значи и повисоки цени на производите.

– Сериозна е ситуацијата во светот, односно во Европа. Македонија ниту може да влијае негативно, ниту позитивно, туку едноставно ќе ја дели судбината на цела Европа. А последиците се знае кои се, ќе се зголеми цената на електричната енергија. Следно е дека индустријата ќе мора да плаќа поскапа енергија бидејќи е на слободниот пазар. Таа цена ќе се вкалкулира во секој производ, зависи со колкав процент во кој производ учествува струјата, некаде е 40 отсто, некаде е пет отсто. Тоа нормално ќе влијае врз цените на крајните производи – вели Анѓушев.

Поврзани содржини