СПРЕЧЕН УВОЗ НА 50 ТОНИ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА Пратки на месо и на ореви вратени на граница

Инспекторите на АХВ блокираа пратки месо и ореви поради сомнежи за безбедност и неправилности во документацијата.

1,148

Агенција за храна и ветеринарство спречи влез на околу 50 тони небезбедна храна на македонскиот пазар, откако инспекциските служби открија сериозни неправилности кај две пратки на граничниот премин Ќафасан.

Станува збор за 27 тони мелено говедско месо од Парагвај, за кое било утврдено дека потекнува од објект што не е одобрен од Агенцијата. Поради тоа, пратката не ги исполнувала основните безбедносни стандарди за увоз и постоел ризик за здравјето на потрошувачите.






Од Агенција за храна и ветеринарство велат дека одлуката е донесена по детална проверка на документацијата и податоците во нивниот информативен систем.

– Количините кои требало да се увезат потекнуваат од објект кој не е одобрен, со што не се исполнети условите за безбедност на храната и постои сомнеж за нејзина здравствена исправност – информираат од АХВ.

Покрај месото, инспекторите спречиле увоз и на 22 тони ореви од Казахстан. Причина за забраната биле неправилности во означувањето и отстапувања од пропишаните критериуми за квалитет и безбедност. Целата пратка е вратена во земјата на потекло и не е дозволен нејзин пласман во земјава.

Од АХВ најавуваат дека контролите ќе продолжат со засилено темпо, со цел да се спречи внесување небезбедни производи.

– Апелираме до увозниците строго да ги почитуваат законските регулативи и стандардите. Здравјето на граѓаните останува наш врвен приоритет – додаваат од Агенцијата.

Поврзани содржини