СПОРЕД ДИРЕКТОРКАТА НА ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ Маслото нема да биде повеќе од 110 денари
Нема да има недостаток на масло за јадење, нема потреба од создавање на резерви. Она што го имаат како залиха производителите е во моментов веднаш спремно за производство е за најмалку три месеци, дополнително имаат суровина за уште три месеци - рече Симеска Димовска.
Зависно од производителот, зависно од тоа дали имаме пакувања од 0,8 литри, 0,9 или еден литар, цената на маслото за јадење во наредниот период очекуваме да се движи максимално до 110 денари, рече директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, во вечерашното издание на „360 степени“ на ТВ Алсат.
Таа додаде дека во земјава има доволно резерви на масло за јадење и ги повика граѓаните да не трупаат залихи во своите домови, затоа што од такво нешто нема потреба.
– Она што го имаме како информација, документирано со бројки, е дека нема место за паника. Нема да има недостаток на масло за јадење, нема потреба од создавање на резерви. Она што го имаат како залиха производителите е во моментов веднаш спремно за производство е за најмалку три месеци, дополнително имаат суровина за уште три месеци – рече Симеска Димовска.
Таа додаде дека треба да се допрецизираат работите во однос на прикажувањето на трошоците пред додавањето на профитната маржа кај трговците. До овој заклучок, Симеска-Димоска дошла по засилените контроли кои ДПИ ги прави на терен откако Владата ја укина или ја ограничи маржата за одредени производи.
Таа вели дека наидуваат на различна примена на одредбите кај трговците, односно дека различни трговци, различно пресметуваат што им е трошок, а што маржа на производите.
– На инспекторите не им се даваат пресметки на каков начин трговците дошле до одреден процент на трошоци кои тие ги ставиле на одредени производи, па така се соочуваме со ситуации некој да ни кажува дека има 33 проценти трошоци, некој има 16 проценти трошоци. Меѓутоа, јасно е дефинирано дека ние треба да ги прифатиме, а во одлуката е јасно искажанo дека трошоци се однесуваат на тие производи, а не на целото работење – рече директорката на ДПИ.