СПОР ОКОЛУ ИРАНСКИТЕ СРЕДСТВА Вашингтон негира дека попуштиле во преговорите

Вашингтон ги демантираше наводите дека ќе ги одмрзне иранските средства во странски банки, вредни околу шест милијарди долари.

69

Соединетите Американски Држави ги отфрлија тврдењата на ирански извор дека САД се согласиле да ги одмрзнат иранските средства во странски банки, вклучително и во Катар, нагласувајќи дека таква одлука не е донесена.

Висок ирански извор претходно изјави дека Вашингтон бил подготвен да го ослободи замрзнатиот имот на Иран како знак на „сериозност“ во преговорите што се водат во Исламабад. Според истиот извор, тоа било едно од барањата на Техеран во пораките испратени до американската страна. Изворот, кој побара анонимност поради чувствителноста на темата, изјави за Ројтерс дека одмрзнувањето на средствата е „директно поврзано со обезбедувањето безбеден премин низ Ормускиот Теснец“, што се очекува да биде клучно прашање во разговорите, пренесува Хина.






Иако не беше прецизирано за која сума станува збор, друг ирански извор наведе дека се работи за шест милијарди долари што се чуваат во Катар. Министерството за надворешни работи на Катар засега не излезе со коментар.

Средствата, кои првично беа замрзнати во 2018 година, требаше да бидат вратени во 2023 година како дел од американско-иранската размена на затвореници, но администрацијата на претседателот Џо Бајден повторно ги блокираше по нападот на палестинската милитантна група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Американските власти тогаш нагласија дека Иран нема да може да пристапи до тие средства во догледна иднина и дека Вашингтон го задржува правото на целосно замрзнување на сметките.

Овие средства потекнуваат од продажбата на иранска нафта на Јужна Кореја и беа блокирани во јужнокорејските банки откако претседателот Доналд Трамп повторно воведе санкции кон Иран во 2018 година и го поништи нуклеарниот договор со Техеран. Во рамки на размената на затвореници од септември 2023 година, со посредување на Доха, средствата беа префрлени на катарски сметки. Размената опфати ослободување на петмина американски државјани во Иран и петмина Иранци во САД. Американските власти потенцираа дека средствата може да се користат исклучиво за хуманитарни цели, како што се храна, лекови, медицинска опрема и земјоделски производи, под постојан надзор на Министерството за финансии на САД.

Поврзани содржини