СПИРАЛАТА РАСТЕ, СЀ ПОВЕЌЕ КОМПАНИИ ОСТАНУВААТ БЕЗ СНАБДУВАЧ СО СТРУЈА Се најавуваат повисоки цени на производите

Според прописите, компаниите на кои им е еднострано раскинат договорот за снабдување со струја 3 месеци ќе се снабдуваат со струја од крајниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоуме по пазарни цени.

3,530

Повеќе компании деновиве добија писма со кои им се раскинуваат договорите за снабдување со електрична екергија на слободен пазар. Компаниите се жалат дека моментално ниту еден од лиценцираните фирми за снабдување со струја не сака да потпише нов договор бидејќи, како што велат, никој не знае како ќе се движи цената на струјата на берзите. Дел од нив најавуваат затворање.

Зголемените трошоци за струја и другите енергенси, посочуваат компаниите, ќе значат зголемување на цените на нивните производи кои ќе растат соодветно на процентот на зголемени трошоци. Само така е можен нивен опстанок.






Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, велат дека компаниите треба да внимаваат со кого се договараат за снабдување со струја.

Лиценцираните снабдувачи на струја велат дека не можат да го издржат ценовниот шок и затоа ги раскинуваат договорите. Дел од претставниците на компаниите се сомневаат дека ќе бидат во состојба да продолжат со работење.

Според прописите, компаниите на кои им е еднострано раскинат договорот за снабдување со струја 3 месеци ќе се снабдуваат со струја од крајниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоуме по пазарни цени. Во овој рок тие ќе треба да потпишат нов договор за снабдување со струја на слободен пазар. Од снабдувачот кој им го раскинал договорот ќе треба да бараат надомест на штетата.

Една од компаниите кои добиле  писмо за раскинување на договорот за снабдување со струја  е „Мелница Кадино“, чиј директор вчера за Плусинфо изјави дека веќе има најава за прекин на договорот.

– Не знаеме кој ќе нè снабдува со струја во следниот период, зашто никој не прифаќа потпишување договор на слободен пазар. Досега според овој договор плаќавме 57 евра за мегават на фирмата снабдувач, а договорот ни беше потпишан до средината на 2023 година со утврдена цена и без промени во однос на снабдувањето. Сега состојбата се смени и ние сме оставени без снабдувач. Бидејќи никој нè не снабдува ќе треба на ЕВН Хоум како краен снабдувач да ѝ плаќаме меѓу 330 и 400 евра по мегават. Такви се нашите пресметки. Тоа за нас ќе значи поскапување на цената на струјата над 700 отсто што многу ќе влијае на процентот на зголемување на трошоците во производството, бидејќи мелницата работи на струја – вели Тодор Ѓорѓиевски извршен директор на „Кадино“.

Во писмото до компанијата, снабдувачот со струја вели:

„Нашата компанија како ваш снабдувач ги вложи сите можни напори за да може до крај на времетрањето на договорот да ве снабдува по договорените цени. За жал, тоа повеќе не сме во можност да го изведеме. Растот на цените ја стави нашата компанија во исклучително тешка положба, генерирајќи загуби на групно ниво кои повеќе не можеме да ги истрпиме. Поради тоа, ве изразуваме за нашата намера за раскинување на договорот за снабдување со електрична енергија. Се надеваме дека како наш партнер во работењето ќе најдете разбирање за ситуацијата во која се наоѓаме како и дека во иднина повторно ќе се јави можност за обнова нашата соработка“.

Поради новонастанатата состојба, вели Ѓорѓиевски ние сме принудени да ја зголемиме цената на брашното, иако не е сигурен дека планираното зголемување на цената ќе значи и крајно зголемување, со оглед дека не се знае како ќе се движи цената на струјата.

– Тоа значи дека цената на брашното за да се плати разликата на струјата треба да се зголеми за 4 денари. Тоа е околу 18 отсто зголемување на брашното од моменталната цена. Новата цена на брашното ќе важи од 1 декември 2021 година – вели Ѓорѓиевски.

Според она што компаниите го имаат договорено со снабдувачите на електрична енергија, тие ќе можат да ги тужат снабдувачите за неиспорачаните договорени количини на струја и да добијат надоместок на штета.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски апелира компаниите при потпишување на договорите да внимаваат на законските определби кои ги штитат од вакви непредвидени состојби.

– Компаниите мора да внимаваат со кого потпишуваат договори за снабдување со електрична енергија. Ние не можеме да им препорачаме или да ги советуваме компаниите со кого да се договорат за снабдување со електрична енергија но можеме да предупредиме да бидат внимателни и во однос на клаузулите за обжалување на договорите и судска разрешница на спорот – вели Бислимоски.

Тој додава дека, компаниите не треба да стравуваат дека нема да имаат струја до потпишување на нов договор.

– Три месеци по раскинувањето на договорот нив има обврска да ги снабдува крајниот снабдувач со електрична енергија, а тоа е ЕВН Хоуме, но по пазарни цени. Цената за секоја компанија е различна во зависност од договорената цена со снабдувачот – појаснува Бислимоски.

Според него, ваквата неочекувана состојба во која се најдоа компаниите поради високите цени на струјата на светските берзи, ја наметнува потребата од формирање Гарантен фонд од страна на снабдувачите со електрична енергија кој ќе ги покрива загубите и ќе ги штити потрошувачите на струја.

– Веќе разговаравме и со стопанствениците и оваа идеја е прифатлива, но треба да се направат измени на Законот за енергетика. Наша обврска во тој случај би била при лиценцирање на компании снабдувачи да бараме и соодветна уплата во гарантниот фонд за да се добие лиценца – вели Бислимоски.

Во врска прашањето дали компаниите снабдувачи имаат финансиска способност да се справат со ваков шок на пазарот на струја Бислимовски вели дека Регулаторната комисија за енергетика дава лиценци според одредени критериуми, но знае дека компаниите снабдувачи се регистрирани со капитал од минимум 5.000 евра до 5 милиони евра.

Поврзани содржини