Специфичен лек за ковид -19 нема, но има ветувачки терапии, зошто Македонија се колеба да нарача „авиган“ од Јапонија?

10,079

Со ангажирање на сите расположиви капацитети од јавното здравство и од приватните клиники и лаборатории, Македонија во овој момент ги користи сите расположиви капацитети за тестирање на заразата со коронавирусот со стандардните молекуларни (ПЦР) тестови. Во изминатото деноноќие (податок од 11 април) се направени се 586 тестирања и дијагностицирани се нови 49 случаи, со што бројката на вкупно заболени достигна 760 лица, а бројот на починати – 34.

Според денешните податоци на Ворлдметер (11 април), Македонија го подигна бројот на тестирања на вкупно 3.673 на 1 милион жители. Тоа е многу повеќе во споредба со бројката регистрирана пред пет дена, кога во Македонија имаше само 2.540 тестирани на 1 милион жители.






Тестирањето се омасови од мака, ама капацитетите ни се скудни

Како што предвидувавме, маката ги натера здравствените власти да ги омасоват тестирањата до максималните капацитети. Патем речено, тие во Македонија се скудни. Фармацевтската групација „Новартис“ (претставништво на „Новартис Фарма“ и „Лек“ Скопје, член на компанијата „Сандоз“), донираа 100.000 долари на Институтот за јавно здравје, пари со кои треба да биде опремена уште една лабораторија со апаратура и со тестови. Сепак, паталците велат дека на тестирање сѐ уште се чека долго, како и на резултатите. И допрва ќе се чека. Според некои минимални европски стандарди, Македонија би требало да прави околу 1.000 ПЦР тестирања дневно, за да ги задоволни елементарните потреби. За жал, во овој момент тоа е речиси невозможна мисија, освен ако итно не добиеме на подарок нови лаборатории, сосе персонал.

И Србија речиси го удвои бројот на тестирањата (од 842 на 1.630 на 1 милион жители). Истото се однесува и на Грција (од 2.442 пред пет дена на 3.409 тестирања на 1 милион жители сега). Бугарија во моментов заостанува со 2.663 тестирања на 1 милиони жители, но затоа, пак, таму вкупната слика е многу подобра отколку во Македонија – во таа земја има вкупно 648 случаи, само 13 нови заразени, само 1 нов починат и вкупно 26 починати. За споредба, сите тие бројки кај нас се полоши, дури и како апсолутни а не релативни, што ќе рече неспоредено со големината на популацијата. Бугарија сепак објави дека набавува 30.000 нови ПЦР тестови од Јужна Кореја. Тестирањата се зголемени и во Албанија, каде што има помалку вкупно заразени од кај нас (443), помалку новозаразени во еден ден (17) и помалку вкупно починати (23).

Примерот на Хрватска покажува две работи: од една страна, колку повеќе тестираш толку повеќе заразени откриваш; од друга страна, колку повеќе заразени откриваш во релативно рана фаза на болеста, толку шансите за преживување се поголеми. Хрватска значајно го зголеми бројот на тестирањара и сега, со 3.822 тестирања на 1 милион жители, води пред Македонија. Хрватска има двојно повеќе вкупно регистрирани случаи од Македонија ( 1.532), но бројот на жители во оваа земја е повеќе од двојно поголем од оној во нашата земја. Значајно е што Хрватска има помалку новозаразени (39) и многу помалку мртви од Македонија – само 21. Иако е далеку зад шампионот Словенија во поглед на тестирањата (16.489 на 1 милион жители), Хрватска полека го презема приматот во регионот во менаџирањето на кризата.

Интересно е тоа дека министерот за здравство Венко Филипче остави можност во некоја подоцнежна фаза на развојот на епидемијата да се изврши масовен скрининг со т.н. брзи, серолошки тестови, кои кај нас беа некритички и напаѓачки оспорени, затоа што ги донесе клиничката болница „Аџибадем Систина“. Во некои земји, како во Германија, на пример, се смета дека таквите тестови би можеле да бидат клучни во периодот на релаксацијата на ограничувањата, кога луѓето ќе треба да почнат да се враќаат во нормалниот живот. Истражувачите од Хелмхолц центарот за истражувања на инфекции од Браунсвајг предлагаат да се тестираат повеќе од 100.000 лица имено со серолошкои тестови. Целта на оваа масовна студија би била да се утврди кои лица веќе стекнале имунитет и можат да се вратат на работните места, пишува „Шпигл“.

Високата смртност во Македонија сериозно загрижува

Сепак, научивме да не бидеме оптимисти во поглед на смелоста на македонските здравствени власти да се приклонуваат кон ваквите експериментални студии и стратегии, дури и кога од нив може да има само корист, а не и штета. Комисијата за заразни болести има конзервативен пристап и цврсто се држи до стратегијата и утврдените алгоритми поставени уште на самиот почеток на коронакризата. Се менуваат, односно се заоструваат, само „карантинските“ мерки, што несомнено дава резултати. Министерот Филипче, пак, очигледно нема претерана желба да биде поинцијативен. На крајот на краиштата, човекот не е епидемиолог. Чудно е тоа што од почетокот на коронакризата во земјава не е поканет да дојде ниту еден врвен странски експерт, како што е тоа пракса во многу други земји. Очигледно е дека домашните епидемиолози не сакаат странци да им делат ум и совети.

Веројатно тој пристап е виновникот што Македонија уште на самиот почеток на кризата не се се приклони кон агресивните стратегии што ги применија некои други земји во светот, како Јужна Кореја, на пример, за која во светската стручна јавност владее речиси неподелено мислење дека е апсолутен светски шампион во справувањето со коронакризата. Моментот да се замавне со „чеканот“ затоа беше пропуштен и затоа сега „танцот“ е толку неуверлив и непријатен. Но, за среќа, драстичните мерки на социјално дистанцирање во Македонија вродија со плод и само тие се заслужни што независно од недоволниот број на тестирања и високиот степен на смртност, ние сепак немаме експоненцијален раст на новозаболени. Во смисла на бројките и фактите, тоа е единствениот позитивен резултат со кој Македонија може успешно да се споредува со земјите во регионот.

Она што во моментов навистина ги загрижува и лекарите, но и граѓаните, е големиот број починати. Ако ја имаме предвид популацијата во Македонија (во моментов земјава веројатно нема повеќе од 1,7 милиони жители), стапката на смртност кај нас е највисока во регионот. На прес-конференциите Филипче постојано укажува дека болеста има непредвидлив тек и дека шансите за закрепнување на пациентите со потешка клиничка слика се значајно помали, додека на тие приклучени на механичка вентилација драстично ниски.

Така е секаде во светот. И затоа во многу земји, иако без доволно обемни и квалитетни клинички студии (за кои, едноставно, се нема време), се употребуваат разни лекови за грип во комбинации со моќни антибиотици, при што стратегијата е да се спречи ширењето на болеста од горните дишни патишта во белите дробови и во другите органи во телото. Тоа е така затоа што специфичен лек за ковид-19 не постои и мали се шансите во скоро време да се пронајде.

Хидроксихлороквинот кај нас бавно се пробива, но зошто бегаме од лекот „авиган“?

Во Македонија, засега непознат број пациенти се лекуваат на тој начин, во рамките на глобална студија, со комбинација на лекот хлороквин (или хидроксифлороквин, сѐ уште не е прецизирано дали е стасана понапредната верзија на истиот лек) и азитромицин („сумамед“). Здравствените власти сѐ уште не соопштуваат колку пациенти се лекуваат со ваква терапија, но на една прес-конференција Филипче изјави дека пациентите кои се третираат со оваа комбинација имаат „стабилна клиничкла слика“.

Покрај контроверзите, поради њузпојавите што се јавуваат при оваа терапија претежно кај срцево болните, сѐ повеќе искуства во светот (Франција, САД, Австралија и други земји) потврдуваат дека оваа терапија дава резултати. Не случајно прво Бугарија, а потоа и Србија, најавија дека брзо ќе почнат со производство на ходроксихлороквин. Фармацевтската компанија „Санофи“, која го произведува лекот под комерцијалното име „плакенвил“ (познат и кај нас), вети дека ќе донира 100 милиони дози хидроксихлороквин во 50 држави низ целиот свет, за да помогне во лекувањето на ковид-19, а доколку истражувањето потврди дека тоа е ефикасно и безбедно, тие имаат намера да им го донираат лекот на сите заинтересирани.

Уште еден лек ветува многу. Станува збор за лекот со генеричко име фавипиравир, попознат под комерцијалното име „авиган“. Лекот го произведува компанија ќерка на Фуџифилм холдингс од Јапонија. Станува збор за лек за кој во клиничка студија во Кина е утврдено дека го спречува ширењето на вирусот на ковид-19 во организмот. Според достапната литература, кај овој лек досега е забележана строга контраиндикација само за бремените жени, бидејќи постои опасност да го оштети или да го уништи фетусот. За други контраиндикации и опасни нуспојави на овој лек засега нема информации. Но, затоа е утврдено дека овој лек е поефикасен ако се употребува во раната фаза на болеста. Патем речено, овој лек во Јапонија, претходно создаден за борба против опасната болест ебола, официјално е одобрен за третман на пациенти со ковид-19.

Јапонија објави дека повеќе од 30 земји во светот нарачале дози од овој лек по дипломатски канали. Индонезија нарачала 2 милиони дози „Авиган“ уште на 20 март. На 23 март Турција почнала да лечи пациенти токму со овој лек. Пред четири дена компанијата производител најави дека овој лек ќе почне да се тестира и во САД. Претходно, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ извести дека Германија набавува големо количество од овој лек, а како што објави Плусинфо, повикувајќи се на официјални извори од Софија, овој лек исто така ќе се користи и во Бугарија.

Јапонија објави дека има 2 милиони дози стратешка резерва од лекот „авиган“и дека на земјите што ќе побараат, одреден број дози ќе им бидат дадени како донација. Целта е на некој начин тестирањето на овој лек да прерасне во една глобална клиничка студија. Но, Македонија изгледа сѐ уште не пројавува интерес за набавка на одреден број дози од овој лек. Министерот Венко Филипче располага со сите потребни информации  за лекот и на првата наредна прес-конференција Плусинфо ќе му постави прашање зошто нашата земја се двоуми да нарача потребен број дози од овој лек што ветува.

И лекот „ремдесивир“ ветува, посебно за пациентите на респиратори

Конечно, „Блумберг“ објави информација и за еден друг надежен лек. Станува збор за лекот „ремдесивир“ на компанијата  Gilead Sciences Inc. Станува збор не за класична, туку за истражувачка био-фармацевтска компанија, која открива, развива и комерцијализира терапии за напредна нега на пациенти со животозагрозувачки болести, меѓу кои и ХИВ/СИДА. Во едно медицинско списание се известува за испитувањето на 53 лица во САД, во Европа и во Канада, на кои им била потребна респиратрорна поддршка, при што околу половината од нив примале механичка вентилација.

Примерокот е мал, но резултатите се многу ветувачки. Кај оние пациенти  што примале „ремдесивир“ до 10 дена (на доброволна и „сочувствителна“ основа), после 18 дена, кај 68 отсто од пациентите имало подобрување, додека 17 од 30 пациенти кои биле на механичка вентилација биле во можност да се ослободат од справата за дишење. Речиси половина од пациентите биле отпуштени, додека 13 отсто починале. За пациенти со тешка клиничка слика, тоа се одлични резултати.

Во многу земји, покрај оптимизам и ентузијазам, постои и нагласен скептицизам во врска со употребата на новите лекови. Има извештаи дека во Шведска, на пример, се отфрла употребата на хлороквинот, наводно поради опасни нуспојави. За лекот „авиган“, засега, нема такви извештаи, но затоа има резерви кон „ремдесивирот“, бидејќи примерокот на тестирања, според некои лекари, бил „неинтерпретативен“. Сепак, треба да се има и силни резерви и кон скептизицизмот. Шведска, на пример, не е земја која може да се пофали дека успешно се справува со кризата. Има тука и многу компетититивност, па дури и нелојална конкуренција меѓу истражувачите и фармацевтските компании. Во меѓувреме, јасно е дека стандардната комбинација на познатиот лек за грип „тамифлу“ со антибиотици, која се употребува и кај нас како базична терапија, не дава доволно добри резултати, особено кај пациентите со средна или тешка клиничка слика.

Иако тим научници од Оксфорд најави дека вакцината против коронавирусот може да биде призведена брзо, можеби уште во септември, ќе минат уште неколку месеци додека таа биде истестирана и достапна за масовна употреба. Некои лекари со кои контактираме велат дека затоа не треба да се чека и во лекувањето на болните од опаката болест треба храбро да се оди чекор понапред од филозофијата – ако има век, ќе има и лек. Дотолку повеќе што научници од МАНУ очекуваат пикот на заразата да биде на почетокот на мај, што сигурно нема да значи и нејзин дефинитивен крај.

 

Поврзани содржини