Спасовски: Вработени во МВР издавале пасоши со лажен идентитет на 215 меѓународни криминалци

Министерот рече дека во акцијата на апсење на групата вчера и денеска се соочиле со саботажа од ВМРО ДПМНЕ.

1,051

Вработени во управната служба на МВР издавале лажни патни исправи на високопрофилирани криминалци, злоупотребувајќи туѓ идентитет, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата што ја одржа вечерва, изнесувајќи детали за акцијата „Мафија“ во која се уапсени деветмина полициски службеници за фалсификување патни исправи, а по уште еден се трага.

– Службените лица на МВР овозможиле на вкупно 215 лица од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет. Како поддршка на криминалната мрежа било и лице кое не поседува службени овластувања туку е посредник помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица –  рече министерот за внатрешни работи.






Тој рече дека акцијата била спроведена со меѓународна полициска соработка преку Регионалната канцеларија за безбедност на САД, како и Генералниот секратаријат на Интерпол, при што било утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела односно дека станува збор за лица со профил од висок ризик и лица за кои е објавена меѓународна потерница со други идентитети.

– Сакам во оваа прилика да упатам порака до сите кои мислат дека со опструкции и саботажи ќе не спречат во пресметката со криминалците дека бадијала се трудат. Нема ниту да застанеме ниту да не поколебате. Ова го истакнувам поради фактот што при реализацијата на оваа акција се соочивме и со обид за саботажа која не успеа. Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози се што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол – рече Спасовски.

Тој истакна дека откако овие обиди биле пресретнати, се продолжува со лажни вести, дека наводно оваа акција била почната во периодот кога министер беше  Наќе Чулев, а дека потоа МВР не преземала ништо.

– За ваквите обиди за саботажа на акцијата очекувам да се произнесе и јавното обвинителство – побара министерот за внатрешни работи.

Поврзани содржини