Спасовски: Одговорност ќе има за сите што не постапиле, ги отфрлам шпекулациите за било каков договор

424

Продолжуваме со потрага за да го лоцираме поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се и членови на семејството и обезбедувањето. Денеска дополнително се повикуваат и други лица. Одземени се телефони и документација, снимачи од згради и објекти, а проверени се и камерите од „безбеден град“ за добивање на детални информации. Продолжуваат проверките на локациите поврзани со истрагата. Распишани се централна и меѓународна потерница, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на првата прес конференција откако викендов избега поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков во пресрет на изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување.

– Категорично ги отфрлам сите шпекулации за какви било договори и со кого било. МВР ги презеде сите расположиви мерки за обезбедувањето на лицето и активно работиме на негово пронаоѓање – рече Спасовски.






Тој ги презентира хронолошки преземените мерки. Рече дека во саботата во 12.30 часот добил повик од обвинителката Вилма Русковска дека има сознанија оти Мијалков подготвува бегство.

– Иако доколку имала сознанија можела да се обрати до Судот, сепак се договоривме да прати писмено известување до МВР за да се провери дали службите имаат такви сознанија. Во 17 часот добивме извсетување од Русковска дека Мијалков се подготвува за бегство. Во 23 часот вратено е известување до ЈО. Во 22.30 доставено е известување за надзор врз објекти и прикриено полициско делување, но не и следење на лице, зашто немаше наредба. Се ангажираат дополнителни служби, особено на излезните точки од градот. Во недела во 14.40 часот забележан е Мијалков со женско лице како се движат од МЕПСО кон хотелот „Мериот“ со три машки лица, по што влегуваат во подземни гаражи. Потоа забележан е излез на три возила, но не можело да се забележи дали во нив бил и Мијалков поради  затемнетите стакла на возилата. Има поставено полиција околу „Мериот“, зградата на улица Тодор Александров  и на излезите од градот. Утврдено е дека Мијалков не е таму, биле пребарани три стана на Мијалкови. Вчера извршен е информативен разговор со 10 лица, а денеска продолжуваме да трагаме по бегалецот. Сите институции имаме обврска да го лоцираме и да постапиме по судската наредба. Вакви ситуации ја рушат довербата во системот, одговорност мора да има, граѓаните бараат правда и правда мора да има – рече Спасовски.

 

Поврзани содржини