СПАСОВСКИ ДА ОДГОВОРИ ЗА ОРУЖЈЕТО НА ШУКРИ АСАНИ Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ го прозива министерот
Дали на име Шукри Асани со истиот ЕМБГ од првото прашање во МВР е регистриран пиштол марка Глок, калибар 9 милиметри – праша Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска на прес конференција го повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да одоговори на четири прашања поврзани со Шукри Асани од Ласкарци, уапсен во полициска акција.
– Директно барам одговори од МВР, дали лицето Шукри Асани од Ласкарци со определен ЕМБГ, поседува одобрение за оружје, издадено од првостепена комисија на МВР предводена од Музафер Каришиќ? Дали на име Шукри Асани со истиот ЕМБГ од првото прашање во МВР е регистриран пиштол марка Глок, калибар 9 милиметри? Дали за Шукри Асани со истиот ЕМБГ од првото прашање има полициско досие, или е замешан во најмалку еден случај „предизвикување на општа опасност” кога било употребено иогнено оружје? И четврто, дали лицето Шукри Асани, со ист ЕМБГ од првото прашање, е дел од списокот лица за проверки од планот Безбеден град – праша Стоилковски.
Оливер Спасовски, рече Стоилковски, со само овие четири куси точни одговори ќе мора да замине од министерството и да ги даде сите други одговори по коишто ќе следи одговорност.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со протестот на средношколците и студентите, Стоилковски истакна дека тие не смее да бидат жртва на оваа неспособна власт и затоа треба да им се излезе во пресрет на нивните барања за полагање на матурата. Тој нагласи дека се губеа часови, дека уште нема учебници, а состојбите во образованието се катастрофални.