Спасовски: Ако не се предадеше Мијалков, за неколку часа ќе беше поинаку
При претресот на неговиот дом обезбедени се електронски уреди и документација која што може да биде дел од целиот процес.
За бегството на екс директорот на УБК Сашо Мијалков се води истрага и за тој случај вчера е назначен јавен обвинител, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот профил на Фејсбук.
„Мијалков не ја напуштил државата и цело време бил во Скопје. Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку. Јас вчера и на прес конференција кажав дека според оперативните сознанија знаеме дека тој е во Скопје. Сега се води истрага, до вчера работевме со ОЈО со дежурните обвинители, во смисла на повикување на информативни разговори на лицата кои би можеле да бидат помагатели во неговото бегство. Важно беше да се одземат сите телефони, уреди, документи кои би можеле да бидат од истрагата. При претресот на неговиот дом обезбедени се електронски уреди и документација која што може да биде дел од целиот процес“, напиша Спасовски на Фејсбук.