СПАСЕН СТАТУСОТ НА ОХРИД Државата доби уште една година да ги исполни препораките на УНЕСКО

Комитетот на УНЕСКО во Париз одлучи да ја одложи одлуката за ставање на Охрид на Листата на загрозени региони. Владата има рок до февруари 2026 за примена на корективни мерки.

747

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната сесија во Париз одлучи да го одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност. Македонија и Албанија добија дополнително време, односно рок до 1 февруари 2026 година, за да достават извештај за преземените активности за имплементација на забелешките од претходните мониторинг мисии.

Во нацрт-одлуката беше нотирано дека регионот се соочува со сериозни предизвици: неконтролиран урбан развој, слабо просторно планирање, инфраструктурни проекти, еутрофикација на езерото и несоодветни интервенции. Токму тие фактори, според УНЕСКО, довеле до кумулативна и неповратна деградација на заштитеното подрачје. И покрај тоа, Комитетот одлучи да даде дополнителен период за корективни мерки.






Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека оваа одлука е резултат на заедничките заложби на владите на Македонија и Албанија.

– Тоа ја покажува подготвеноста на двете држави за преземање итни мерки за заштита на светското наследство. Ќе продолжиме најсериозно со конкретни активности за спроведување на препораките од мисиите на УНЕСКО од 2020 и 2024 година, како и со Стратегискиот план за рехабилитација – рече Љутков.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека зачувувањето на статусот на Охридскиот регион е резултат на активна и координирана дипломатска офанзива.

– Од првиот ден, заедно со премиерот Мицкоски, водевме разговори со членките на Комитетот, градевме заеднички позиции и постигнавме резултати. Ова е пример како со политичка волја и стратешки пристап се постигнува успех – нагласи Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, потсети дека состојбата што Владата ја наследила е последица на години запоставување.

– Тоа е уште една лоша работа од времето на СДСМ. Додека тие ликуваа, ние се боревме во една жестока дипломатска офанзива да му се даде шанса на Охрид да добие транзициски период и да ги започнеме потребните реформи кои претходната влада не ги реализираше – изјави Мицкоски.

Претходно, триесет и девет граѓански организации и една европска мрежа со 15 членки испратија писмо до УНЕСКО со барање Охридскиот регион да се впише на Листата на светски наследства во опасност, уверени дека тоа ќе ги натера институциите на поодговорно постапување.

Во меѓувреме, екипи на ЈП „Охридски Комуналец“, во координација со Локалната самоуправа, спроведоа акција за чистење на плажите кај автокампот „Љубаништа“ до реката Черава – еден од чекорите за покажување сериозен пристап кон заштита на природата.

И покрај критиките и долгогодишната инертност, Комитетот на УНЕСКО сепак одлучи да ја награди дипломатската мобилизација и да ја даде шансата која институциите во земјава треба да ја оправдаат во следните месеци.

Поврзани содржини