БРЗА ПОМОШ ДЕЖУРА ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП 11 колапси за само една недела
Граѓаните долго ги чекаат автобусите кои доцнат или воопшто не доаѓаат во предвидените термини. Кога ќе пристигне одреден автобус, тој најчесто е преполн со патници, а внатре честопати е многу жешко.
Јавното сообраќајно претпријатие се соочува со многу лоша ситуација откако сѐ повеќе граѓани доживуваат колапс во автобусите или, пак, на автобуските станици, чекајќи ги автобусите кои доцнат или воопшто не доаѓаат.
Граѓаните долго ги чекаат автобусите кои доцнат или воопшто не доаѓаат во предвидените термини. Кога ќе пристигне одреден автобус, тој најчесто е преполн со патници, а внатре честопати е многу жешко.
Патници за РСЕ сведочат на неподносливите услови во автобусите на ЈСП. Тие се жалат дека на луѓето им се слошува внатре во автобусите при што некој од патниците ќе повика брза помош.
– Вака веќе не се издржува. Клима нема, термините за возниот ред не важат, не знаеш кога има, кога нема автобус. Наместо да дојдат три возила во одреден термин, доаѓа еден автобус, и тој полн. Со месеци нѐ тормозат, а од нас плата земаат – вели патничката Стојанка М за РСЕ.
Таа била сведок кога пред десетина дена, му се слошило на патник во преполн автобус. Откако присутните го полеале со студена вода и не успеале да го освестат, возачот бил принуден да застане кај Триумфална капија и чекале да дојде Брза помош.
Од Итната медицинска помош за РСЕ потврдија дека во изминатите две недели, особено кога беше прогласена портокалова фаза (од 12 до 18 јули) имале 11 интервенции во автобуси или на постојки. Но сметаат дека бројката е поголема, затоа што имало и помлади граѓани кои пријавиле колапс или повреда, но можеле да се движат и сами да отидат до лекар, па од итна помош им давале само совети.