ЈСП ПАДНА НА НИСКИ ГРАНКИ Во автобус е забрането да се качи лице со попреченост во придружба на сервисно куче
Александар Велевски на социјалните мрежи објави статус, во кој ги повика надлежните во ЈСП да му го решат проблемот. Тој бара во автобус да влезе со своето куче-придружник.
На Александар Велевски, лице со попреченост во инвалидска количка и кој има потреба од куче-придружник, утрово не му било дозволено да се качи во автобусот на ЈСП во Скопје.
Тој на социјалните мрежи објави статус, во кој ги повика надлежните во ЈСП да му го решат проблемот.
– JСП информирајте ги вашите вработени дека со сервис-куче може да се влезе…
Пошто не ме ни пуштаат/бркаат – напиша Велевски на Фејсбук.
За случајот се огласија и од коалицијата Менуваме, од каде образложија дека случајот со Александар е груб прекршок на неговите уставни права.
– Денеска сме сведоци како свесно се крши законот, конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на ОН и Уставот на Македонија. Денеска Александар Велевски кој е лице со телесна попреченост во количка и неговиот четворо ножен сервис куче Бен им се онеовозможи да го користат јавниот превоз – порачаа од Менуваме, од каде упатија и прашање до Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска, дали навистина е донесена одлука за забрана за пристап во автобусите на кучињата-придружници.