СОЗДАВАМЕ ГРАД БЕЗ МЕТЕЖ И ЗАГАДУВАЊЕ Шилегов вели Скопје е град со најголема пешачка зона
Скопје десет години е жртва на ГУП-от од 2012 кој го донесе ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме истите луѓе да го носат ГУП-от во 2022 бидејќи знаеме што не чека, кажа градоначалникот Шилегов
Во следните четири години Скопје целосно ќе се промени драги скопјани. Скопје за четири години од денес ќе биде град без метеж со целосно нови сообраќајни решенија. Скопје ќе биде град без загадување, ако за четири години успеавме да го намалиме за 33%, за уште четири можеме прашањето да го елиминираме. За четири години од сега ќе се шетаме по 70 хектари пешачка зона во центарот со многу зеленило и слободен простор“, порача градоначалникот Шилегов од големиот собир на граѓани во спортска салата Борис Трајковски.
– Погледнете го драги скопјани слободниот Кеј 13 ноември, тоа е визијата за Скопје која ја имам! Погледнете го паркот Ибни Пајко, тоа е јавниот простор кој сакам да го создавам. Погледнете ги новите МАН автобуси, тоа е стандардот кој сакам да го постигнам. Тоа е Скопје кое ќе продолжиме да го градиме а не згради и споменици на секој чекор! За една година од сега драги пријатели, Скопје ќе има нов ГУП, кој ќе гарантира дека никој повеќе нема да го злоупотребува Скопје за приватни цели, кој ќе гарантира хумана урбанизација надвор од центарот на градот. Скопје десет години е жртва на ГУП-от од 2012 кој го донесе ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме истите луѓе да го носат ГУП-от во 2022 бидејќи знаеме што не чека – кажа градоначалникот Шилегов пред присутните граѓани.
Не беше одамна кога Скопје беше претворено во град на кичот и невкусот, заборавивме ли на Коцекабана, заборавивме ли на милионите потрошени за палми и жални врби, заборавивме ли на насилството и поделбите, не смееме да заборавиме и не смееме да дозволиме грешките да ни се повторуваат, порача кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Тој нагласи дека сите длабоко во себе знаат дека од другата страна се истите луѓе кои го обезличија Скопје заради своите криминални планови.
– Ајде да не дозволиме некој одново да почнува со експериментирање. Да не дозволиме да бидеме прелажани со неостварливи идеи. Ајде да не дозволиме да ни подметнат старо минато под превезот и лагата наречена нова иднина, наглси Шилегов и ги повика граѓаните на 31 октомври масовно да излезат и да гласаат. Да ја преземеме одговорноста во свои раце. Да не дозволиме гневот да го надвладее разумот. Гневот го искажавте во првиот круг и со право, но сега е време да се договориме за доброто на Скопје. Ова се избори за наше Скопје да продолжи напред. Силно верувам дека нема да го предадеме на оние кои го уништија, која му ја земаа душата на градот и мирот на граѓаните – истакна Шилегов.
Го градевме Скопје со срце, изградивме повеќе инфраструктура и суштински проекти отколку за 27 години претходно, работевме само според приоритетите на граѓаните и вложувавме одговорно онаму каде што треба. Скопје станува модерен, организиран, силен град на 21 век, истакна вечерва Шилегов.
Тој додаде дека за овие четири години е научено многу.
– Она што сигурно го знам е дека ништо не се постигнува брзо и лесно како што најавуваат некои, туку со многу работа, труд, планирање и долгорочно вложување. Проектите што ги спроведуваме нудат решенија на проблемите за следните 50 години. Тоа не може да се реализира ниту брзо ниту лесно како што вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ – порача Шилегов.
Тој нагласи дека одговорноста кон Скопје се мери со тоа колку се вложува во неговиот развој, во зелените оази и паркови, одговорноста се мери и според квалитетот на воздухот кој драстично е подобрен.