Советот за безбедност ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба од 30 дена на цела територија

832

Советот за безбедност ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена, објави претседателот Стево Пендаровски по денешната седница на Советот.

Пендаровски објасни дека не станува збор за полициски час, туку за дополнителни обврски што ги добиваат институциите во битката со коронавирусот, откако Владата на препорака на Советот за безбедност ќе прогласи кризна состојба.






Тој истакна дека е исклучително сериозна ситуацијата во Македонија предизвикана од коронавирусот, а, како што рече, и во другите земји состојбата со пандемијата е многу полоша од пролетниот бран.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој беше повикан од Пендаровски да присуствува на состанокот, информирал за ресурсите во здравството и за организацијата за справување со пандемијата, додека премиерот Зоран Заев за севкупните активности и за политиките во другите ресори и можните опции.

На седницата на Советот за безбедност која се одржа во претседателската „Вила Водно“, се расправаше за актуелната состојба со пандемијата на ковид-19 во земјава и за мерките и активностите на надлежните институции.

Покрај редовните членови на Советот премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и министрите за одбрана и за надворешни работи Радмила Шекеринска и Бујар Османи, на покана на претседателот Пендаровски присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче. Министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски не присуствуваше на состанокот.

 

Поврзани содржини