СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ГО OЧEKУВА СКАНДАЛ КАКО ТОЈ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ! Пратеникот Ефтимов тврди дека власта сака да наметне свој член во Советот

Дополнително, додаде пратеникот, за скандалот да биде уште поголем, кандидатот кој што сакаат да го назначат за член на Советот за јавни обвинители е поранешен вработен во СЈО со исплатен огромен милионски хонорар.

918

Советот на јавни обвинители ќе ја доживее истата судбина и скандал како и Судскиот совет – предупредува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Дејанчо Ефтимов.

– Имено, парламентарното мнозинство, очигледно по наредба и притисок од Владата и Бихаќка, спротивно на сите процедури и Деловник за работа на Собранието, во скратена процедура и набрзина сака да избере член на Советот на јавни обвинители, без притоа да дозволи широка дебата и за останатите кандидати за членови на овој совет – тврди Ефтимов.






Според него, ова јасно покажува дека во власта владее голема паника, хаос и безидејност.

– По неуспехот и криминалот во СЈО, скандалозниот избор на уставни судии по партиска линија, по скандалот во Судскиот совет и уште многу други вакви негативни примери, на менито на власта за партизација дојде и Советот на јавни обвинители. Очигледно, на власта и гори под нозе и навистина многу и се брза. За нив веќе одамна не се важни ниту транспарентноста, ниту процедурите и Деловникот, туку само партиските агенди и наредби. Наместо професионализам, стручност и способност, власта преку пратениците од мнозинството по којзнае кој пат одлучи главен и единствен критериум во Советот на јавни обвинители да биде токму спротивното, а тоа е нестручност, непрофесионалност и неспособност. Токму затоа, довербата на граѓаните во правосудството е на ниво на статистичка грешка односно мизерни 3%. Токму затоа, над една половина од јавните обвинители немаат доверба во Советот на јавни обвинители дека Советот работи согласно законските надлежности рече Ефтимов.

Дополнително, додаде пратеникот, за скандалот да биде уште поголем, кандидатот кој што сакаат да го назначат за член на Советот за јавни обвинители е поранешен вработен во СЈО со исплатен огромен милионски хонорар.

– Целата македонска јавност многу добро памети чија испостава беше СЈО, како и на кој начин работеше таа вештачка креација и на крајот како и каде заврши таа и нејзините вработени и раководни лица. Значи, човек кој претходно работел во институција полна со неуспех, криминал и корупција, сега ќе биде човек кој ќе треба да избира, разрешува или распоредува јавни обвинители. Едноставно, со ова власта упатува јасна порака до сите дека единствен начин за успех и напредок во кариерата е да бидеш нивен добар и слеп послушник, наместо да работиш чесно, макотрпно и професионално. Тоа е принципот на функционирање на Владата во целиот овој изминат период од 6 години. Затоа државата е дојдена на ова катастрофално ниво на секое поле од нашето секојдневие – рече пратеникот Ефтимов.

Поврзани содржини