62% ОД ФЕКАЛИИТЕ НИ ЗАВРШУВААТ ВО РЕКИТЕ Зошто пречистителните станици се последна грижа на државата?

Од Здружението на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија, АДКОМ за Плусинфо велат дека пречистителните станици се од главно значење за поубава и посигурна иднина и квалитетен живот и здравје е незагадена животна средина во која чистите води се клучни.

144

Дури 62 отсто од фекалиите во земјава се вливаат како непречистени во реките, езерата и во подземните води и го загадуваат водното богатство на земјава. Во Македонија се изградени вкупно 26 станици за пречистување отпадни води, од кои 7 се нефункционални, a според Државниот завод за статистика во 2021 година од 102.648 испуштени метри кубни води, повеќе од 60 проценти завршуваат како непрочистени во реките и во езерата.

Причината за неработењето на пречистителните станици е недостигот на пари за инвестиции. Државата не предвидува средства за нив ниту на државно, ниту на локално ниво. На располагање се само околу половина милијарда евра наменети за нови пречистителни станици, а добиени од меѓународни фондови и од Европската Унија, со кои може да се изградат неколку модерни пречистителни станици со голем капацитет.






Од Здружението на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија, АДКОМ за Плусинфо велат дека пречистителните станици се од главно значење за поубава и посигурна иднина и квалитетен живот и здравје и незагадена животна средина во која чистите води се клучни.

– Секако дека пречистителните станици за отпадни води придонесуваат кон чиста животна средина. Тие прочистуваат големи количини вода одеднаш со комбинација на процеси, каде се отстрануваат индустрискиот отпад и други загадувачи. Постоењето на секоја таква станица е од клучно значење, и секоја станица која е нефункционална нè враќа чекори назад во обезбедувањето чиста животна средина – ни одговорија од Здружението.

Оттаму додаваат дека во овој момент во Македонија има 19 функционални пречистителни станици за отпадни води, како и дека секогаш е потребна изградба на нови.

– Не можеме доволно да ја нагласиме важноста на пречистителните станици за отпадни води и секоја една новоизградена ќе придонесе за почиста животна средина. Со тоа значително ќе се подобрат условите за живот на нашите граѓани – потенцираат од АДКОМ.

Количеството на отпадни води што ги создале македонските домаќинства и компании во 2021 година се зголемило. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), само 38 отсто од отпадните води лани биле пречистени во соодветни станици за нивен третман. Од друга страна, вкупното количество отпадни води во 2021 година било за 2,8 отсто поголемо во однос на 2020 година.

фото: Државен завод за статистика

 

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, на почетокот на октомври рече дека само третина од отпадните води поминуваат низ 26-те пречистителни станици колку што ги има во Македонија, а се со капацитет од 590.000 еквивалент жители.

– Нашата земја има интензивни активности за изградба на пречистителни станици и системи за собирање  отпадни води за градови над 100.000 еквивалент жители како приоритет и за општини над 10.000 еквивалент жители како секундарен приоритет – истакна министерот.

Ова го потенцираше Нуредини во обраќањето на 9. Министерска конференција за животна средина за Европа, што од 5 до 7 октомври се одржа во Никозија, Кипар, каде зборуваше за изградбата на пречистителна станица во Скопје и на колектори за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализациска мрежа во општина Кичево и за општина Битола за кои се очекува интензивирање на активностите поради техничката поддршка обезбедена во рамки на ИПА фондовите.

Нуредини ја најави и реализацијата на проектот „Општинска водна инфраструктура Северна Македонија“ со заем од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, со кој покрај изградба и рехабилитација на инфраструктура за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води, ќе се реализираат и вонредни мерки за заштита од поплави во сите општини во земјава.

Поврзани содржини