СОРАБОТНИЦИТЕ НА ТРАМП САКААТ ДА СОРАБОТУВААТ Разговараме за можни проекти, соопшти Мицкоски
Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Rumble која е многу важна во процесот на дигитализација, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Соработници на екс претседателот на САД и кандидат за нов мандат, Доналд Трамп, сакаат да соработуваат со земјава и се разговара за можни проекти, изјави премиерот Христијан Мицкоски на гостувањето во Топ Тема на Телма, бидејќи како што потенцираше, главен приоритет на оваа влада е дигиталната трансформација, затоа што преку тоа, степенот на корупција, криминал ќе биде жестоко намален.
– Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Rumble која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нуне, се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на екс претседателот на САД, Доналд Трамп и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација – рече премиерот Мицкоски говорејќи за денешната средба со претставници на компанијата Rumble, финансиската корпорација Cantor Fitzgerald од САД и Трамп корпорација.
Премиерот Мицкоски говорејќи за можностите, посочи дека и претходно се зборувало за идејата „дигитален денар” и како може да се развива таа идеја, дали може заедно со блокчејн технологија да направи нешто во кое ќе се обезбеди поголеми приходи за граѓаните и државниот буџет.
– Јас сум горд и задоволен што овие луѓе се тука и со тимови на владата ќе разговараат поделени во два дела, првиот е економски и тука пред сè мислам на новите блокчејн технологии, на криптовалутите и можностите како „дигиталниот денар”. И, второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација за сите овие процедури кои ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. Станува збор за компании со приходи од десетици милијарди, а господинот Хауард Лутник е практично човек кој во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние го имавме во Македонија – нагласи Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека ако овој тип на инвеститори ги имаме тука со инвестиции, ќе значи препорака за многу компании, бидејќи истите соработуваат со финансиски инвестиции со трилиони.