СООБРАЌАЕН И УРБАН ХАОС ВЛАДЕЕ ВО СКОПЈЕ Арсовска има брзи решенија да го направи современа метропола
Арсовска нагласи дека досега многу решенија се ветувани, но не се реализирани и посочи дека граѓаните не користат доволно јавен превоз, бидејќи истиот не задоволува стандарди за да можат безбедно и навремено да пристигнат од една до друга дестинација.
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вели дека граѓаните на Скопје не се задоволни од тоа како во овој момент изгледа градот во кој владее сообраќаен и урбан хаос и е затоа потребно квалитетно менаџирање и изнаоѓање на брзи и ефикасни решенија кои ќе го направат Скопје современа метропола.
– Кога се прашуваме што е визијата за градот и што му е потребно, потребно му е квалитетно менаџирање. Да се престане со политиканство, граѓаните не се бројка, за нив потребно е да се работи и да се биде нивен сервис и да се обрне внимание на она кое секојдневно тие го кажуваат. Тоа се брзи и ефикасни решенија, кои ќе направат Скопје да биде вистинска современа метропола со која сите ќе се гордееме – рече Арсовска.
Таа потенцираше дека во овој момент наместо да се зборува за култура, уметност и спорт се зборува за нешта поради Скопје изгледа како град од минатиот век, бидејќи делови од градот немаат основна инфраструктура.
– Она кое е духот на градот потребно е да се врати. Има делови од градот кои немаат основна инфраструктура, немаат водовод, канализација, а да не зборуваме за подигнување на квалитетот на животот. Во овој момент треба да разговараме за култура, спорт, уметност за се што ќе ги направи скопјани горди дека живеат во главен град и метропола – изјави Арсовска.
Таа нагласи дека досега многу решенија се ветувани, но не се реализирани и посочи дека граѓаните не користат доволно јавен превоз, бидејќи истиот не задоволува стандарди за да можат безбедно и навремено да пристигнат од една до друга дестинација.
– Не е доволно само да се вети. Завршен проект е оној кој има почеток и крај, а ние гледаме само ветувања. Има дел локации кои се недостапни за јавен превоз, во 21 век граѓани пешачат километри за да стигнат до автобуска станица и тоа е она кое ќе се промени. Цените треба да бидат достапни за граѓаните, за да можат да се откажат од сопствените автомобили да го користат јавниот превоз – истакна Арсовска.