Сонот за ЕУ ни се претвори во ноќна мора

Можеби е и подобро евроинтегративниот процес да наликува на мора, бидејќи така побргу и навремено ќе се будиме и нема да дозволиме во иднина лековерно да им веруваме на непроверените гласини.

881

Претседателот на Народното собрание на Бугарија Никола Минчев е последниот во низата од бугарски политичари, кој јасно и гласно потврди дека неговата влада нема да го симне ветото за Македонија, што значи дека земјава ниту во јуни нема да добие датум за отпочнување на преговори за полноправно членство во Европската Унија.

За жал, Македонија нема во догледно време да ги започне преговорите со ЕУ, а од денешна перспектива е многу тешко да се даде какво било предвидување за тоа кога реално може да се очекува државава да стане членка на Унијата. Ако судиме според изјавата на Макрон за Украина, на која францускиот претседател ѝ дава период од 15 до 20 години за да ги исполни сите барања на ЕУ, може да се претпостави дека истиот интервал важи и за Македонија, без разлика дали ги завршила или не преговорите со Бугарија.






Но, да се вратиме малку назад.

Таму некаде во првата половина од месецот ноември во 2021 година, опозицијата подготви список од 61 пратеник, со депонирани потписи на иницијативата за интерпелација на Владата на Зоран Заев. Тоа се случи по вториот круг на локалните избори, на кои владејачката СДСМ оствари катастрофален резултат.

Но, токму тогаш започна засилената медиумска кампања за тоа дека спорот со Бугарија е речиси завршен, дека Емануел Макрон им дал наредба на своите амбасадори да лобираат за Македонија во ЕУ и дека во декември сигурно добиваме датум за преговори. Во Скопје дури допатува и холандскиот премиер Марк Руте, кој излегувајќи од традиционалниот формат на дипломатија, пред македонските новинари изјави дека иако не се гледало, но тој и неговите колеги од ЕУ вршеле притисок кон Софија за брзо решавање на спорот.

Нормално дека тоа тогаш предизвика реакции кај пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, а како и не би предизвикало, бидејќи дознавме дека неговото „срце чука за Вашингтон и за Брисел“, како што вицепремиерот Артан Груби ја извести јавноста, во моментите кога Реџепи одеднаш исчезна и беше недостапен за сопартијците и за медиумите. Да, тогаш Реџепи не се појави во собраниската сала да гласа за недоверба на владата, а во наредните денови тој објасни дека добил цврсти гаранции од домашни и од странски авторитети дека „Македонија само што не го добила датумот за преговори и предвремените избори само би можеле да го нарушат преговарачкиот процес“.

И така, декември дојде и си помина, а владејачките партии прогласија ново мнозинство, избраа нов премиер и нова влада, а во купот на „прозападни“ пратеници во Собранието се најде место и за Кастриот. Тоа што не успеаја да се договорат за датум тогаш, беше надоместено со ентузијазмот од новата влада во Софија, формирана од Кирил Петков. Да, Петков дојде во Скопје за да ја договори новата динамика во преговорите. Нема само историја и за јазикот да разговараме, велеше Петков, туку ќе формираме заеднички комисии за економија, енергетика, за капитални проекти итн.

На воодушевувањето му немаше крај во тие моменти и никој не се сомневаше дека ветото на Бугарија само што не паднало и дека во јуни добиваме датум.

И тогаш Петков, заедно со други високи функционери во Софија, дојде во Битола на отворањето на културниот дом „Иван Михајлов“. Во милисекунда запре целиот оптимизам од најавите за инвестиции, гасоводи и за автопатишта.

Македонија денеска се буди од уште еден недосонет сон за Европската Унија. Сон, кој со секој пропуштен датум за преговори, сè повеќе наликува на ноќна мора. А можеби е и подобро така? Можеби е и подобро евроинтегративниот процес да наликува на мора, бидејќи така побргу и навремено ќе се будиме и нема да дозволиме во иднина лековерно да им веруваме на непроверените гласини. Па макар гласникот бил и премиер на Холандија.

Поврзани содржини