СОБРАНИЕТО НА 18 ФЕВРУАРИ ЌЕ ИЗБИРА НОВ УСТАВЕН СУДИЈА На седницата ќе бидат констатирани и оставките на Бислимовски и на Ристовска
Собранието в среда ќе ги констатира оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и на членот на Државната комисија за спречување на корупцијата и ќе избира нов уставен судија. На последната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го предложи Гоце Наумовски за нов уставен судија, откако уставната судика Јадранка Дабовиќ Анастасовска во декември поднесе оставка од здравствени причини.
Собранието на пленарната седница закажана за среда, 18 февруари се очекува да ги констатира оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и на членот на Државната комисија за спречување на корупцијата Цвета Ристовска. Веднаш потоа, како што велат од Собранието за МИА, треба да започне постапката за избор на нов претседател на РКЕ и на член на ДКСК. Постапката за нивен избор ќе ја води Комисијата за прашања на избор и именувања.
На 85. седница закажана за 18 февруари се очекува на дневен ред да се најде и изборот на нов уставен судија. На последната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го предложи Гоце Наумовски за нов уставен судија, откако уставната судика Јадранка Дабовиќ Анастасовска во декември поднесе оставка од здравствени причини.
Засега на предложениот дневен ред на 85. седница в среда се Предлог за именување на (непрофесионално ангажиран) член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување и Предлог на закон за органско земјоделско производство, во прво читање. Пред почетокот на работата по точките од дневниот ред треба да се одржат опозициските прашања до премиерот и министрите.