СОБРАНИЕТО ГО ДОНЕСЕ РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ Пари за развој, изградба и за повисоки плати и пензии
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека предложените измени и дополнувања на Буџетот произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.
Собранието попладнево со 65 гласа „за“ и 14 гласа „против“ го донесе Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година.
Во текот на расправата, власта и опозицијата изнесоа спротиставени мислења за овој стратешки економски документ.
Ставот на владејачкото мнозинство е дека Дополнетиот ребаланс на Буџетот ќе обезбеди економски раст и дека се работи за буџет во кој има повеќе средства за пензионерите, за младите и за реализација на големи капитални проекти во општините. Истакнаа дека се реализирани сите крупни ветувања и посочија дека се зголемени пензиите, платите во образованието, здравството, полицијата и администрацијата, дека има најдобар реализиран откуп на земјоделски производи и завршени инфраструктурни проекти.
Опозицијата со забелешка за неприсуството на министерката за финансии во попладневниот дел од расправата што според нив укажува на несериозноста на Владата кон овој стратешки документ. Според опозицијата, ребалансит се фокусира на краткорочни мерки, а во него не се испочитувани основните фискални правила.
Според Фатмир Битиќи од СДСМ, ребалансот не е развоен и не е социјално одговорен, туку е буџет за селективна поддршка со краткорочни политички пресметки, скроен како предизборен поткуп за изборите во октомври.
Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит, Битиќи рече дека буџетскиот дефицит останува на 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП и дека тоа е над законски дозволената граница од 3 проценти или максимум 3,5 проценти во исклучителни услови како што се некоја катастрофа или глобален шок. Битиќи посочи дека буџетскиот дефицит е повеќе од двојно зголемен од крајот на април до средината на јули што, според него, е јасен показател дека фискалната контрола е изгубена, а јавната потрошувачка расте непродуктивно.
Тој истакна дека со ребалансот се зголемува и домашното и надворешното задолжување со што се создава товар за идните генерации. Посочувајќи дека со ребалансот домашниот долг се зголемува за 3,15 милијарди денари, а надворешниот за 1,38 милијарда и дека е најавено ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината.
– Според проценките на Фискалниот совет, јавниот долг ќе достигне 62,1 проценти од БДП – над дозволената граница. Дополнително, Фискалниот совет идентификува над 700 милиони евра доспеани, но неисплатени обврски, скриени долгови кои не се евидентирани во дефицитот, но реално го притискаат буџетот и ја подриваат транспарентноста – рече Битиќи, прашувајќи дали овие обврски се пресметани во ребалансот.
Пратеникот Халил Снопче се осврна на зголемувањето на цените на основните прехранбени производи, посочувајќи дека 25 проценти од населението живее во сиромаштија, а цените во државата се повисоки од државите во регионот и од европските држави.
– Ребалансот не предвидува ништо конкретно за подобрување на овие параметри и ја става во опасност фискалната реализација. Нема реална преспектива за економско подобрување на државата – рече Снопче.
Дополнетиот ребаланс на Буџетот на 16 јули беше усвоен од Владата и во него се вградени дел од амандманите што произлегоа од амандманската расправа во Собранието. Со него се обезбедуваат дополнителни средства за Министерствата за транспорт, за социјална политика и за образование и наука.
Станува збор за 6 милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и 5 милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната собраниска седница рече дека предложените измени и дополнувања на Буџетот произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.
Измените, како што посочи, не го менуваат суштински пристапот на Владата, туку го подобруваат, оптимизираат и прилагодуваат Буџетот кон приоритетите – сервисирање на клучните обврски, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на расположливите извори на финансирање.
На крај на денешната расправа, министерката за финансии рече дека нема да се финансира изборна кампања, туку дека ќе се финансира изградбата на болници, училишта и на патишта.
– Ќе се финансира развој, овој ребаланс е потребен и насочен е кон иднината – рече Димитриеска-Кочоска.
За инфлацијата, министерката рече дека како Влада се свесни за притисокот врз граѓаните и дека токму затоа се обезбедени повеќе средства за зголемување на пензиите, платите, за социјална заптита и за стабилизирање на пензискиот систем.
Поочи дека буџеткиот дефицит е внимателно планиран и дека задолжувањето е одговорно со поволни камати за што податоците е јавно достапни. Во првите шест месеци од годината, како што посочи, приходите е зголемени за 8,6 проценти, а расходите бележат рат од 5,1 процент.