СОБРАНИЕТО ЌЕ ДОНЕСЕ ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ Пратениците нема да држат пленарни седници за време на кампањата
Ќе се одржат две седници, на 2 и на 12 септември, на кои ќе се разгледуваат законите што до денеска стигнале во Собранието, а на 12 септември ќе има и пратенички прашања.
Собранието нема да одржува пленарни седници за време на изборната кампања за локалните избори, со цел да не се злоупотребува собраниската говорница, соопшти денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на редовниот брифинг со новинарите. Ќе се одржат две седници, на 2 и на 12 септември.
Гаши истакна дека оваа постапка веќе е традиционална во Собранието и во предизборието не се одржуваат редовни седници и комисиски расправи, со цел законодавниот дом да не се вовлече во кампањата. Координаторите на парламентарните партии на денешната координација со Гаши начелно се согласиле законите што стигнале до денеска да бидат распределени на двете пленарни седници.
– Повеќето од нив се во прво читање, а идејата е до почетокот на кампањата да бидат целосно разгледани – рече Гаши.
Локалните избори се распишани за 19 октомври, а изборната кампања почнува на 29 септември.
На тие две собраниски седници не се очекува да има нов обид за измени на Изборниот законик, а до изборите нема да се избере нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, ниту пак, Народен правобранител.
На седницата на 12 септември претседателот Гаши ќе предложи пратениците да изгласаат Декларација за фер и демократски избори. На истата седница ќе има и пратенички прашања.
Вообичаено, таква декларација потпишуваат учесниците на избори во Државната изборна комисија. Според Гаши, ова ќе биде прв пат декларација за фер избори да се донесе во Собранието.
– Текстот на декларацијата ќе биде со општи термини. Партиите ќе се обврзат дека ќе ги почитуваат законите и правилата на изборниот процес. Тоа ќе биде една силна и обврзувачка порака и до граѓаните и до сите политички актери – рече претседателот Гаши.
Работата на пратениците официјално продолжи денеска, на 25 август, по летниот одмор кој претходно беше прекинат на 16 август, поради итна седница за измените на Изборниот законик по скратена постапка. Тогаш предлогот не помина поради недостиг на Бадентерово мнозинство, затоа што пратениците од ДУИ гласаа против измените.
Гаши рече дека ако не ја свикале седницата на 16 август тоа ќе значеше дека Собранието не се обидува да ги донесе измените на Изборниот законик и немало да се знае кој е за, а кој против. На новинарско одговори дека причината на свикувањето на седницата не била за политички маркетинг на власта, туку дека сакале да направат последен обид за донесување на измените. Со тие измени требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи во Изборната единица треба да соберат независните кандидати за да учествуваат на овие локалните избори. По ова Државната изборна комисија со правилник пресече дека ќе мое да се кандидира за градоначалник и да поднесе листа за советници секој што ќе собере најмалку 2 потписа.
Прашан дали има сознанија за тајно сценарио меѓу опозициските СДСМ и ДУИ за предизвикување хаос на изборите, како што претходно објави премиерот Христијан Мицкоски, Гаши вели дека такви информации не стигнале до него.
– Но ако има такви индиции, Декларацијата би била уште една потврда партиите да се обврзат на фер и демократски избори. Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се последни, како да се за живот или смрт. Локалните избори треба да бидат за тоа што градоначалниците треба да им понудат на граѓаните – рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.