„Пакомак“ почнува акција за собирање стаклен амбалажен отпад директно од домот на граѓаните. Како што соопшти денеска компанијата, граѓаните треба да ги остават своите контакт податоци и приближната количина отпад за собирање, а по 10 дена компанијата ќе изготви план за негово подигнување.
– Доаѓа летото, а тоа е сигнал дека е време да ги засукате ракавите и да го исфрлите непотребниот отпад кој ви зафаќа простор во домот, подрумот или гаражата. Доколку во вашиот дом имате големо количество стаклен амбалажен отпад од тегли и шишиња, а сте оневозможени да го одложите во некој од соодветните зелени контејнери, тогаш „Пакомак“ ќе дојде да го собере директно од вашиот дом – соопшти компанијата.
„Пакомак“ наведува дека сѐ што треба да направат граѓаните е само да се јават на телефонскиот број 072 26 66 26 во тек на работната недела (понеделник-петок) и да ги остават своите контакт податоци, адреса и град на живеење, приближна количина на отпад за подигнување, телефонски број и лице за контакт. Во рок од 10 дена по добивањето на потребните податоци ќе биде изготвен детален план за подигнување на отпадот за што граѓаните ќе бидат информирани.
– Не заборавајте да ги одложувате секојдневните стаклени амбалажи. На тој начин ќе бидете сигурни дека стаклениот отпад ќе заврши на рециклирање и ќе добие нов живот, наместо да заврши на депонија каде ќе стои неупотреблив со години, а неретко и опасен, односно стаклото да биде причина за пожар – информира компанијата.
Како знак на благодарност за соработката, „Пакомак“ ќе ги награди граѓаните со семе за цвеќе кое може да го засадат во својот дом. За најмалку две гајби тегли и шишиња или пак шест килограми стакло, „Пакомак“ ќе им подари и едно пакетче ароматични семиња за расад.
– Одржувањето и подобрувањето на животната средина започнува од секој од нас, а потоа одговорноста се проширува низ заедницата како колектив. Во идеални услови веројатно сите би го селектирале отпадот, но предизвикот доаѓа кога нема услови и истите треба да бидат создадени. Новата акција на „Пакомак“ го адресира токму тоа – создава услови за целото население правилно да го одложува стаклениот отпад, елиминирајќи ја оддалеченоста на поединечните домаќинства од соодветните контејнери и олеснувајќи го процесот во корист на граѓаните, а за долготраен бенефит на околината – се наведува во соопштението на „Пакомак“.